Утре променливо облачно со сончеви периоди, за викендот облачно со врнежи од дожд, а на планините и снег


Фото: Б. Грданоски

По котлините денеска ќе има појава на магла и ниска облачност. Во останатите места ќе преовладува сончево време со умерена облачност. Повеќе облачност ќе има во западните делови каде во ноќните часови ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец, особено во западните делови.

Максималната температура, како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи, (УХМР), ќе биде во интервал од 10 до 16, а во местата со магла до 5 степени. Во Скопје од попладневните часови ќе биде умерено облачно.

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, по котлините претпладне со појава на магла. Во западните делови ќе биде облачно, попладне со повремен дожд.

За време на викендот под влијание на циклонска активност и влажна воздушна маса ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд, а на планините од снег. Повремено врнежите ќе бидат пообилни, на места и поројни. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер, претежно од јужен правец.

Како што соопшти УХМР, поради продор на постудена воздушна маса во недела врнежи од снег ќе има и на некои повисоки места, особено во западните делови од земјава. На планините ќе се формира нова снежна покривка.