Утре продолжува седницата за одземање на мандатот на Груевски

Во собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетски прашања утре ќе продолжи седницата за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски.
Откако претседателот на оваа Комисија Павле Богоевски најави оставка од пратеник, се најавува дека со првото продолжение на комисиската седница ќе претседава заменик-претседателката на ова тело Снежана Калевска Ванчева.
На седницата во петокот не беше утврден ниту дневниот ред, затоа што Богоевски уште во почетокот ја најави оставката од морални причини.
Комисијата треба да даде препорака за одземање на мандатот на Груевски поради шестмесечно неоправдано отсуство од Собранието. Конечната одлука ја носи парламентот со двотретинско мнозинство, така што одлучувачки ќе бидат гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.