Утре пристигнуваат вакцините од Србија, кинеските на 15 или 16 февруари
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека е можно утре земјава да ги добие првите вакцини.
„Секој ден се надеваме вакцините час поскоро да стигнат во земјава. Имаме најави дека може и утре да стигнат првите дози, но тоа не е уште сигурно, точно ќе знаеме попладне“, кажа Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција за енергетска транзиција.
Заев не кажа за која вакцина станува збор. Додаде дека кинеската „Синофарм“ се очекува да стигне на 15 или 16 февруари и дека во текот на денешниот ден ќе биде извршено плаќањето, по што ќе се договори транспортот.
На Табановце утре стигаат 8.000 вакцини на Фајзер кои Србија и ги вети на Македонија, а кои поради законски процедури и одобрување од производителот досега не беа дистрибуирани во земјава, јави Телма. Вакцините на Макеоднија лично ќе ѝ ги предаде српскиот претседател, Александар Вучиќ.