Утре парламентот ќе одлучува дали да ја разреши Катица


Претседателот на Собранието, Талат Џафери само што го потпиша решението за свикување Седница утре во 13 часот, со единствената точка на дневен ред-разрешување на осомничената обвинителка Катица Јанева.

На 5 септември Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е осомничена за случајот „Рекет“. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

На пленарната седница нема да се расправа за извештајот на Советот на ЈО туку само за предлогот за разрешување. Одлуката се носи со двотретинско мнозинство и со т.н. бадентерово гласање, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители.

Во материјалите поставени на веб-страницата на Собранието, а во врска со разрешувањето на Јанева, покрај заклучокот на Комисијата по кој пратениците треба да расправаат, се поставени и согласност од четирите политички партии со најголем број пратеници СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса на Албанците.

Јанева во моментов е во притвор како третоосомничена во случајот Рекет.