Утре одлука: Асанж ќе биде екстрадиран во Америка?


Високиот суд во Лондон утре ќе донесе пресуда дали основачот на Викиликс Џулијан Асанж може да поднесе жалба против екстрадицијата во САД.
„Тоа е тоа. Одлуката ќе биде донесена утре“, напишала неговата сопруга Стела Асанж на социјалната мрежа „Х“, пренесува Ројтерс.

Дали ќе биде ослободен?
САД бараат екстрадиција на Асанж поради објавувањето на тајните воени досиеја во 2010 и 2011 година, а Врховниот суд на ОК одлучи дека Асанж треба да биде екстрадиран, отфрлајќи ги тврдењата дека тој може да изврши самоубиство во американски затвор поради лошо ментално здравје.

Асанж во САД е обвинет за 17 точки за шпионажа, а доколку биде осуден може да добие и до 175 години затвор, според тврдењата на неговите адвокати. Американските обвинители, меѓутоа, тврдат дека казната нема да биде подолга од 63 месеци.

Во 2010 година, порталот на Асанж „Викиликс“ објави видео од американската армија, на кое се гледаат десетици луѓе убиени во напад на хеликоптери „Апачи“ во Багдад во 2007 година, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс.

После тоа, Викиликс објави илјадници доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД ги критикуваат светските лидери, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.