Утре ќе се расчистува мостот во населбата Превалец кој по невремето е затрупан со гранки и друг смет

Мостот во Населбата Превалец, на регионалниот пат Велес-Чашка кој по саботното невреме од порои на дожд е затрупан со гранки и друг смет, поради неможноста да се вклучи механизација од утре ќе се расчистува рачно за што денеска се подготвува теренот, изјави за МИА директорот на ЈКП „Дервен“ Тони Јовиќ.

Тој информира дека екипи на ЈКП „Дервен“ од утрово рачно расчистуваат земја, песок и камчиња од наносите од невремето во Населбата „Превалец“ која е најпогодена од саботното невреме. Најави дека од утре ќе се чистат и затнатите атмосферски канализаии во Превалец и во Велес.

Воедно ќе се чисти и затнатиот атмосферски канал во галеријата под пругата што води кон спортската сала „Гемиџии“. Тој веќе беше чистен минатата недела, но, по саботното невреме е повторно затрупан со кал. Јовиќ најави дека вработени на ЈКП „Дервен“ утре ќе го исчистат и измијат овој премин и улиците во градот ќе бидат измиени со цистерни со вода.

По препорака на Општинскиот штаб за заштита и спасување ЈКП „Дервен“ е задолжен да врши редовна проверка на исправноста на водата за пиење со цел да се обезбеди чиста и здрава вода за пиење.