Утре и задутре топлотен бран

Дирекцијата за заштита и спасување, согласно најавата на Управата за хидрометеоролошки работи, соопшти дека за време на продолжениот празничен викенд ќе има нов топлотен бран со многу високи температури. Изразено топло време ќе има утре и задутре (2 и 3 август) со температури до 41 степен.

Од Дирекцијата посочуваат дека покрај основните препораки за однесување во вакви услови, согласно Законот за заштита и спасување, преземаат и мерки и активности за превентивно делување за заштита од можни шумски пожари и други пожари на отворен простор. Со оглед на празничниот продолжен викенд и зголемената посетеност на шумите и излетничките места, ДЗС апелира до локалната самоуправа, граѓаните и посетителите да внимаваат кога се на отворен простор.

Тие не треба да фрлаат цигари и догорчиња, стаклен отпад и стаклени шишиња, да не палат оган и скара на отворен простор и во шума, да не палат отпад и друг горлив материјал, ниту стрништа и меѓи, а ако забележат пожар веднаш да ја известат Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193.

Дирекцијата за заштита и спасување со цел зачувување на шумите, од 15 јули до 15 август, на територијата на целата земја, ја спроведува кампањата за заштита од пожари под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени-Природата е наша одговорност“, стои во соопштението.