Утешната награда за Насер Зибери е – народен правобранител


Веројатно се остварува она што Артан Груби го најави дека партијата има некои „добри планови“ за кандидатот за премиер на ДУИ – Насер Зибери. Според информациите на ТВ21 (која во последно време е многу добро информирана за политичките намери на ДУИ) Насер Зибери ќе биде новиот народен правобранител на Македонија.

На сегашниов правобранител Иџет Мемети мандатот му истекува во декември 2020 година. Тоа е неговиот втор мандат од по осум години, што значи дека на оваа функција е 16 години.  За потсетување – Иџет Мемети беше избран на онаа озлогласена седница на 24 декември 2012 година, кога тогашната опозиција на чело со СДСМ брутално беше исфрлена од собраниската сала од безбедносни службеници. Мемети тогаш трпеливо чекаше да бидат исфрлени „на клоци“ пратениците за потоа да продолжи седницата и тој да биде избран на уште еден мандат како народен правобранител.

Лидерот на ДУИ посредно најави дека се бара некакво соодветно место за кандидатот за премиер, Зибери, откако бесчувствително беше исфрлен од секаква комбинација за новата влада. По седницата на Централниот совет на партијата кога се одредуваа кандидатите за министри Али Ахмети изјави:

„Вие сите знаете дека г. Зибери е нотар и ја продолжува својата дејност како нотар до моментот кога ќе се договориме за одредена важна одговорност која се однесува на неговата професија“. (Н.В.)