Измени во данокот на моторни возила, поголеми давачки за луксузните автомобили


 

Владата на седница денеска усвои измени на Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила поради потребата од примена на нова методологија за пресметување на износот на издувните гасови од моторните возила, што е во насока на заштита на животната средина, исполнување на обврските од потпишаниот Климатски договор од Париз за намалување на нето-емисијата на стакленички гасови, како и усогласување со најновите ЕУ стандардите.

Новата метода, која се заснова на мерење емисијата на издувни СО2 гасови во реална околина, претставува глобално усогласена постапка за испитување на нивото на емисија на јаглерод диоксид од моторните возила која е во задолжителна примена во ЕУ за сите новопроизведени возила од 2022 година, а истата овозможува подиректно поврзување на данокот на моторни возила со негативните екстерналии предизвикани од емисијата на CO₂ од возилата.

Со пропишување на оваа метода во Македонија, се овозможува новите патнички моторни возила да бидат соодветно оданочени, и тоа согласно вредностите на просечната емисија на CO2 изразени во потврдата за сообразност за ЕУ одобрување на возилото (Certificate of conformity-COC) според WLTP методата.

Со примена на пропишаните коефициенти за пресметка на специфичната компонента за CO2 на данокот на моторни возила се овозможува зајакнато оданочување со данокот на моторни возила на најголемите загадувачи, а кои спаѓаат во категоријата на луксузни патнички возила или многу стари возила кои се најмалку еколошки од аспект на загадување на животната средина. Целта е поттикнување на граѓаните и компаниите да инвестираат во набавка на возила кои исполнуваат повисоки еколошки стандарди, без оглед дали станува збор за набавка на нови или половни возила, и со тоа придонес кон декарбонизација на транспортот во земјата и намалување на загадувањето на воздухот.

Согласно податоците со кои располага Царинската управа за увоз на патнички автомобили во земјава, новата Уредба нема да има негативно финансиско влијание кај купувачите на нови возила, освен за оние возила кои спаѓаат во категоријата на луксузни или т.н. премиум возила. Напротив, се очекува новата Уредба да изврши надолен притисок врз продажните цени на новите возила од ниска или средна класа.

Што се однесува до половните патнички моторни возила, негативно финансиско влијание може да се забележи исто така кај возилата од полуксузните категории, како и кај многу старите возила. И во двата случаја – при набавка на нови или половни возила, Уредбата ќе се ефектуира врз износот на данокот на моторни возила кај возилата кои спаѓаат во групата на најголеми загадувачи со високи емисии на издувни СО2 гасови, а кои во земјава се увезуваат во помал број.

Процесот на подготовка на измени и дополнувања на Уредбата беше воден на транспарентен и инклузивен начин со одржување на консултации со претставници на Стопанските комори во земјата, од чија страна е изразена поддршка за усвојување на новата Уредба за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила, се вели во соопштението на Министерството за финансии.