Уставните судии ќе се консултираат со експерти, па ќе носат одлука за Законот за јазиците

Бујар Османи во името на ДУИ не се согласи со одлуката да се одржи подготвителна седница


Од денешната седница на Уставниот суд (Фото: Б. Грданоски)

 

Уставниот суд денеска одлучи да се консултира со експерти на подготвителна седница пред да расправа за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците. Таков предлог дала судијката известител, Елизабета Дуковска, а го поддржале петмина судии. На седницата на Уставниот суд, кој има вкупно девет члена, не дојдоа судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. 

Додека судиите заседаваа пред зградата беа собрани стотина членови и поддржувачи на ДУИ и „Европскиот фронт“ на чело со Али Ахмети. За време на седницата можеше да се забележи засилено полициско присуство околу Уставниот суд. 

Повеќето судии сметаат дека е особено важно да се одржи подготвителната седница за да се покаже дека владее правото и дека уставноста не се брани на улиците, туку во судот. Тие повикаа на трпение и доверба во институциите и нагласија дека одлуката ќе помогне во отфрлањето на наводите за политизација.

Непосредно пред гласањето на дневниот ред, судијата Фатмир Скендер предложи точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајца судии. Неговите колеги не се согласија – нивните аргументи се дека ако судот воспостави ваква пракса, тогаш ќе треба и за други предмети да се чека да бидат присутни сите судии, што би ја попречило работата на судот. Судијата Скендер потоа не учествуваше во расправата по оваа точка.

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија. Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Светскиот македонски конгрес, Солза Грчева, Тања Каракамишева-Јовановска, Јове Кекеновски…

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, не се согласи со одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.

„Како легитимни претставници од последните претседателски и парламентарни избори во име на албанскиот народ, прво сакаме да го осудиме продолжувањето на седницата на Уставниот суд со моноетнички состав. Пораката на тројцата уставни судии од етничките заедници со нивното неприсуство беше доволен сигнал за да прекине седницата веднаш“, изјави Османи.

Тој додаде дека во име на албанскиот народ ја одбива секоја одлука којашто значи продолжување на процесот на укинување на Законот за употреба на јазиците. 

Според него, ова не е само кауза за албанскиот јазик, туку и за заштита на мултиетничка европска Македонија. 

„Очекуваме поддршка од сите етнички заедници за да ги изолираме силите кои наместо да градиме на тоа што досега го изградивме кон една просперитетна европска толерантна мултиетничка Северна Македонија, не враќаат 20 години наназад“, додаде тој.

Али Ахмети изјави дека Уставниот суд треба да ги отфрли 13-те иницијативи за укинување на албанскиот јазик, бидејќи тоа ќе биде мудра одлука. Ахмети кажа дека таму не се собрале за да предизвикаат судир, туку да го слушнат гласот на разумот.