Уставните измени веќе се доставени до Собранието

Владата вчера попладне го доставила Предлогот за уставни измени до Собранието веднаш по завршувањето на седницата на која премиерот и министрите го усвоија Предлогот.
-На 171-та седница на Владата, одржана на 18.7.2023 година, точка 48, разгледана е Информација со Предлог за уставни измени, утврден е Предлогот и доставен е до Собранието веднаш по завршувањето на седницата, информираа од Владата за МИА.
Триесет работни дена од денот на влегување во собраниска процедура на Предлогот треба да се гласа за утврдување на потребата за промена на Уставот. Во тоа време ќе заседава и Уставната комисија. Седницата на Уставната комисија може да трае максимум 10 дена.
Како што дознаваме, уште денес ќе се знаат и датумите за работата на уставната комисија и за првото гласање во пленарната сала.
За процедурата за уставните измени во уставот пишува вака:
„Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија. Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Измената на Уставот ја прогласува Собранието“.
Од четири и пол месеци минимум, па до шест месеци максимум може да трае процесот на усвојување на уставните измени – најави неодамна претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со новинарите. Според Џафери, роковите за оваа процедура се стриктни, од тоа колку треба да трае секоја фаза, па до тоа колку минути секој пратеник ќе може да дискутира кога иницијативата за уставни промени ќе се најде на расправа во парламентот.
Според Џафери, ќе има барем две точки од уставните амандмани каде што, покрај двотретинско мнозинство, ќе мора да се гласа и со Бадинтерово мнозинство, при што во моментов 40 пратеници во овој собраниски состав се декларирале како припадници на друга етничка заедница надвор од македонската. Тоа значи дека од тие 80 пратеници што ќе речат „за“ уставните промени 21 треба да бидат од другите етнички заедници.
Тој ја отфрли, исто така, можноста откако ќе стигнат нацрт амандманите од Владата да може да се поднесуваат нови амандмани надвор од тие што ги предлага таа како иницијатор, како што е барањето за бришењето на описот „20 отсто“ за албанскиот јазик во Уставот. Според Џафери ниту Владата како иницијатор не може да предлага нов амандман кога ќе почне постапката, така што ги стави во купот на алиби политички изјави сите барања и најави околу уставните промени што не се веќе договорени на експертската комисија. Тој ја отфрли и можноста за покренување уште една паралелна иницијатива за уставни измени околу ваквите барања, нагласувајќи дека има пропишан рок колку време, т.е. години треба да поминат за да се покрене одново процес за уставни измени.