Уставниот суд укина два члена од Законот за плата и надоместоци на избрани и именувани лица


 

Уставниот суд на денешната седница одлучи да ги укине член 4 и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија . Со првата укината одредба основицата за пресметување на плата на избраните и именуваните лица се применува од јануари 2012 година и е во износ од 25.726 денари, додека со втората е предвидено дека платите на избраните лица во 2014 година може да се зголемат за 4 отсто започнувајќи со исплатата на платите во 2014 година.

Уставниот суд смета дека во случајот постои двојство во уредувањето на прашањето за основицата на платата на избраните и именуваните лица, што претставува неконзистентност во законското уредување на оваа материја. Судот утврди дека истовремено постојат две норми, односно две правни правила за утврдување на основицата на платата oпфатени во еден ист закон, односно едната е член 11 од Законот, според кое, основицата се определува според просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика, а второто правило е оспорената одредба од член 4 во кој основицата е утврдена во фиксен износ од 25.726 и која со усогласувањето од 4 отсто (предвидено со второспорената одредба) изнесува 26.755,оо денари што е всушност основица која е моментално во сила односно примена. 

Поради наведеното, Судот оцени дека укинатите одредби не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.  Подносител на иницијативата е адвокат Бојан Стојевски