Уставниот суд, сепак, ќе одлучува за иницијативата на оштетените штедачи во Еуростандард банка


Уставниот суд, сепак, ќе се произнесе во однос на иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки. Како што соопштија подносителите на иницијативата, Здружението на оштетени штедачи во Еуростандард банка, седницата на Уставниот суд е закажана за утре, 15-ти април.

Минатата недела, како што е познато, тие реагираа на одлуката на Уставен суд на неопределено време да ја одложи оваа точка на дневниот ред поради состојбата со ширењето на корона вирусот.

„Здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард банка ‘Правда за штедачи’, по пат на ова соопштение сака, по којзнае кој пат, јавно да изрази надеж во владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Уставот“, се вели во соопштенето до медиумита во кое се најавува дека преку организиран собир на денот на гласање пред Уставниот суд јавно ќе ја изразат поддршката на уставните судии „за носење на очекуваното правично и праведно решение во овој случај“.

Во соопштението потсетуваат и на нивните аргументи изнесени во поднесената иницијатива. Овој дел од соопшението го пренесуваме интегрално:

„Прво, со член 163 став 3 од Законот за банки, Фондот за осигурување на депозити е утврден како доверител со приоритетно право за наплата во однос на сите други доверители во случај на стечај на банка. Меѓутоа, Фондот за осигурување на депозити врши обештетување само на депозити на физички лица до 30.000 евра, додека правните лица не се обештетени по ниту еден основ, иако според Законот за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам, платниот промет се обврзани да го вршат преку банка. Во Еуростандард банка „заглавени” се околу 2.000 правни лица. Според „рамноправноста” во вака поставената законска регулатива, во случај на стечај, правните лица со своите „заглавени” средства го финансираат Фондот иако од него не добиле ниту денар.

Второ, нееднаквоста што ја продуцира член 163 став 3 од Законот за банки не се манифестира само кај правните лица. Таква нееднаквост постои и меѓу депонентите- физички лица до и над 30.000 евра. Согласно член 7 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, Фондот наплатува премија од членките на Фондот најмногу до 0,7 отсто годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница. Според оваа одредба, оние што имаат поголеми депозити, реално плаќаат поголем износ на премија, но затоа, кога ќе се случи ризичен настан физичкото лице депонент до 30.000,00 евра е целосно обештетен, додека оној со 300.000 евра добил само 10 отсто. Еднаквост? Тешко дека така може да се нарече.

Трето, Здружението „Правда за штедачи“ смета дека нема издржано образложение за законска еднаквост во случај на ризичен настан со ликвидација или стечај на банка, бидејќи членот 163 став 3 од Законот за банки е класичен пример за одредба која генерира нееднаквост.

Четврто, депонентите физички лица до и над 30.000 евра се нееднакви (едните се целосно обештетени додека другите делумно обештетени) врз основа на нивната имотна положба, што е спротивно на член 9 од Уставот. Правните лица, кои воопшто не се обештетени, се нееднакви според општетствената положба во однос на физичките лица до и над 30.000 евра, бидејќи првите се целосно, вторите делумно, додека третите (правните лица) воопшто не се обештетени, што е спротивно на член 9 и член 55 од Уставот. Сите заедно (првите, вторите и третите) се во подредена позиција во однос на Фондот за осигурување на депозити, односно Фондот има монополска позиција во однос на сите други доверители во стечајната постапка, што е спротивно на член 55 став 2 од Уставот.

И петто, во сите европски законодавства се прави јасно разграничување меѓу депозит на посебна сметка како пари кои се штедат поради интерес (камата) и пари кои се нашле на трансакциска сметка по други основи (продажба на имот или други права, надомест на штета, судски постапки или примања по основ на плата, пензија, закупнина, дневен промет како и друг приход) и служат за тековно работење на физичките или правните лица. Во Еуростандард банка, голем дел од средствата не се класичен депозит односно биле и на трансакциска сметка на правните и физички лица. Сепак, парите по сите наведени основи при отворање на стечајна постапка се сметаат за единствен депозит, и сите тие пари Фондот ги зема по основ на неговото право на приоритет при обештетувањето, место таквите средства да бидат вратени на нивните сопственици без воопшто да влезат во стечајната маса на банката. Со тоа, сите доверители во стечајната постапка се во подредена позиција во однос на Фондот за осигурување на депозити. Или, сосема јасно може да се утврди дека со членот 163 став 3 од Законот за банки му се овозможува монополска позиција на Фондот преку која сите останати трпат не само нееднаквост, туку и дискриминација“, се вели во соопштението до медиумите на Здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард банка „Правда за штедачи“.