Уставниот суд поведе постапка за измените на Кривичниот законик

Мнозинството од судиите на седницата посочија дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен и има далекусежни последици


 

Уставниот суд одлучи да поведе постапка за измените на Кривичниот законик, соопштија од судот. Одлуката следува по денешната седница на која Уставниот суд расправаше за иницијативата за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година кои вклучуваа намалување на казните за функционерите, што предизвика реакции и спротивставени мислења за уставноста на законот. Мнозинството од судиите на седницата посочија дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен и има далекусежни последици, но дел од нив тврдеа дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.

Судијата известител, Елизабета Дуковска, образложувајќи го рефератот посочи дека наводите на подносителот се неосновани и предложи судот да ја отфрли иницијативата.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кажа дека измените на Кривичниот законик со кои преку ноќ се запреа кривичните гонења за корупција направиле непоправлива штета на правниот поредок и невиден упад во судскиот систем.

Тој став го делат и дригите судии, а единствена со спротивно мислење е судијата-известителка Елизабета Дуковска. Таа, која го држи предметот од 2023 година, и натаму смета дека Уставниот суд не треба да поведе постапка против измените на Кривичниот законик со кои се застареа коруптивните дела на поранешни високи функционери, обвинети доминантно од поранешното СЈО.

Добрила Кацарска изјави дека овие измени донесени преку ноќ направија непоправлива штета во нашиот правен систем, но како граѓанин, а не како претседателка на Уставниот суд. Таа смета дека Уставниот суд не е надлежен да решава дали требало да биде носен со европско знаменце или не, да решава за казнената политика кога за тоа е надлежно Собранието. Рече дека наспроти тврдењето на подносителот на иницијативата Павле Трајанов, конфискацијата на нелегално стекнатиот имот останува и не се брише со овие измени на КЗ, односно дека е регулирана со други закони.

И  судијката Тања Васиќ-Бозаџиева бараше да се поведе постапка против измените кои владата на Димитар Ковачевски ги предложи на почетокот на септември 2023 година, а Собранието ги изгласа набрзина на 6 септември таа година. Васиќ-Бозаџиева рече:

„За да не останат нашите зборови празни зборови, ако одлучиме да поведеме постапка, да ги поништиме овие штетни измени на Кривичниот законик”.

Во насока на тоа да се поведе постапка за уставноста на овие измени за спасување на криминалци, е и дискусијата на уставниот судија Осман Кадриу. Ако Уставниот суд одлучи да се укинат измените, тогаш тргнатите одредби само ќе се вратат во Кривичниот законик и сè ќе биде по старо, но  Уставниот суд во овој случај само ќе го бетонира амнестирањето на функционерите, обвинети од поранешното СЈО. Ако одлучи да ги поништи измените, тогаш се враќаат сите обвиненија против амнестираните, исто како да не се случиле измените на 6 септември 2023 година, кога беа укинати или намалени затворските казни за функционерите. При евентуална одлука за поништување, оние обвинети чии обвиненија беа повлечени и на кои потоа државата им ги плати адвокатските трошоци, ќе треба да ги вратат парите.

На 6 септември 2023 година, Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа реакции во јавноста, правната фела и Европската комисија. Измените ги намалија казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, што предизвика негативни реакции. Власта ги правдаше измените со усогласување со директивите на ЕУ, додека опозицијата ги сметаше за обид за амнестија на функционерите.

Во иницијативата поднесена од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, се наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните. Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.

Во меѓувреме, Министерството за правда работи на нови измени за отстранување на штетните последици од измените од 2023 година и очекува новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Новиот закон ќе се фокусира на унапредување на санкциите за тежок криминал и корупција, како и на заштита на човековите права.