Уставниот суд пак го укина мораториумот во Центар
Уставен суд по вторпат донесе времена мерка за укинување на мораториумот за градба во Општина Центар. Оваа одлука ќе биде на сила додека Уставен суд одлучи дали мораториумот е донесен во согласно со Уставот, откако денеска судиите ја прифатија иницијативата за укинување на уставноста поднесена од двајца граѓани од Охрид. Со тоа, сега веќе не важи забраната за градба и важат старите планови и инвеститорите може да бараат дозвола за градба.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, вели дека Општина Центар даде навремен и соодветен одговор со кој ја оспори истата како неоснована.
„Цениме дека деталните урбанистички планови мора да бидат усогласени со Генералниот урбанистички план како план од повисок ранг. Одлуката што Општина центар ја има донесено на 27 март 2019 година не е во спротивност на важечките прописи и таа има за цел да го заштити јавниот интерес кој е примарен за сите жители, а е загарантирано согласно Уставот“, појаснува Богдановиќ на Фејсбук.
Од Уставниот суд пак велат поинаку: „Поведена е постапка бидејќи постојат сомненија дека забраната за градба е донесена во спротивност со Уставот“.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, кој присуствуваше на седницата, кажа дека ваквата одлука е мешање во ингеренциите на Општината со што го легализира докажаното неусогласување со повисок акт, а тоа е Генералниoт урбанистички план.
Иста ваква ситуација имаше и лани. Тогаш Градежната комора и Стопанската комора на северозападна Македонија поднесоа иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на мораториумот. Уставниот суд потоа времено го укина мораториумот, а Општина центар одговори со тоа што донесе нова одлука за мораториум со која деталните урбанистички планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план на Скопје, нема да се применуваат.