Уставниот суд остана со осум судии – на Владимир Стојаноски му заврши мандатот


На Владимир Стојаноски (59), судија со најдолг стаж во Уставниот суд, му заврши мандатот и тој веќе не е член на нависокиот суд во земјава. Без него во Уставниот суд сега има осум судии што до изборот на нов член во многу случаи би можело да предизвика изедначено гласање за каква било одлука.

Мандатот на Стојаноски истекуваше на 13 април. Но поради првата вонредна состојба што ја донесе претседателот Стево Пендаровски на 18 март нему му беше продолжен мадатот за онолку денови колку што траеше вонредната состојба. Нему му остануваа уште 26 дена од мандатот и тие сега истекоа.

На веб-страницата на Уставниот суд веќе е тргнато неговото име од составот на судот.

Стојаноски беше избран на 14 април 2011 година. Тој на таа функција дојде од Врховниот суд, каде што беше избран во септември во 2010 година. Претходно бил судија во Управниот суд. Тој беше предложен од Судскиот совет преку ноќ, а исто така преку ноќ беше избран за уставен судија по жестока политичка расправа во Собранието, во која тогашната опозиција, СДСМ, обвини за длабоко партизирање на највисокиот суд во земјата.

Во текот на следната година на тројца судии им престанува деветгодишниот мандат – Елена Гошева, Никола Ивановски и Јован Јосифовски. (Н.В.)