Уставниот суд оформи предмети за здруженијата „Културен центар Иван Михајлов” и „Цар Борис III – Охрид“


Фото: Б. Грданоски

 

Уставниот суд попладнево информира дека е оформен предмет во кој се оспорени Статутот и Програмата на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“.

„Предметот се наоѓа во почетна фаза, односно во претходна постапка и е предаден на работа кај советник на Судот и судија кои во следниот период треба да подготват реферат со конкретен предлог по којшто Уставниот суд ќе одлучува на седница“, велат од Уставниот суд.

Подносител на иницијативата е политичката партија „Левица”. Подносителот наведува дека оспорените Статут и програма се спротивни на членот 20 став 2 од Уставот затоа што според него се насочени кон разгорување на национална или верска омраза или нетреливост. Во иницијативата е наведено дека дејствувањето на Здружението е насочено кон уривање на уставниот поредок на Републиката и разгорување на национална омраза и нетрпеливост. Подносителот на иницијативата бара поништување на оспорените акти, појаснуваат од судот.

Исто така, додаваат од Утсавниот суд, оформен е п редмет во кој се оспорува Програмата за работа и Статутот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III – Охрид“.

„И овој предмет се наоѓа во рана фаза – претходна постапка во која се прибираат потребните информации“, сооптија од Уставниот суд. 

Подносител на иницијативата е адвокатот Тони Менкиновски. Во иницијативата се наведува дека оспорените акти се противуставни бидејќи се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, негирање на неговата самобитност и разгорување на национална омраза или нетрпеливост. Подносителот на иницијативата бара поништување на оспорените акти.