Уставниот суд нема да го активира Собранието


Фото: Б. Грданоски

Уставните судии денеска ја ставија ад акта расправата дали Собранието може да повторно да заседава откако пратениците се самораспуштија – на работен состанок беше разгледана иницијативата на судијата Осман Кадриу и беше заземен едногласен став дека не постојат услови за нејзино прифаќање.

Кадриу преку иницијативата побара поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распуштање на Собранието. Едногласниот став по дискусијата, во која учествувале сите судии, е дека не постојат услови за прифаќање на иницијативата затоа што во случајот станува збор за пресудена работа, бидејќи Уставниот суд веќе се изјасни за уставноста и законитоста на оваа одлука на седницата одржана на 8 и 15 април, кога со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост, се вели во соопштението на Уставниот суд.

Тогаш во расправата беа земени предвид и околностите на кои се укажува со иницијативата, вели Уставниот суд.

Со оваа одлука би требало да заврши дебатата околу можното враќање на самораспуштените пратеници и политичките партии на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски да се концентрираат на датумот на одржувањето на изборите, кои веројатно ќе бидат налето. Зоран Заев изјави дека СДСМ е за избори на 14 јуни, а Христијан Мицкоски рече дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека теоретски тие би можеле да се одржат во првата половина на јули. (Н.В.)