Уставниот суд може да нѐ доведе до редовни избори


Процедурите за спроведување на десеттите парламентарни избори ќе се вратат на почеток и ќе се остави простор гласањето да се реализира во редовниот термин, наместо да биде вонредно, ако Уставниот суд донесе решение за укинување на одлуката од 16 февруари за распуштање на парламентот.

Сепак, дали ќе дојде до таква ситуација зависи од тоа дали стручниот колегиум на Уставниот суд в среда ќе ја прифати иницијативата на еден од судиите за преиспитување на одлуката на пратениците да се самораспуштат, со цел на 12 април да се одржат избори. Ако таа биде прифатена, би следело  донесување конечна одлука што во практика би значела враќање на Собранието во функција.

Можното укинување на одлуката за распуштање на парламентот и враќањето на пратениците на работните места, би значело и укинување на сите дејствија поврзани со изборите што беа спроведени од 16 февруари (кога беа распишани изборите), па до 22 март, кога изборите беа стопирани, со Уредба на техничката влада, а- пред самиот старт на кампањата. Со Уредбата беше предвидено, спроведувањето на изборните дејствија да продолжи веднаш по завршувањето на вонредната состојба.

Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, за ТВ24 изјави дека за таа иницијатива ќе се разговарало в среда по седницата. „Ќе имаме работен состанок на кој судиите ќе заземе став дали да ја прифатиме иницијативата и под службена должност да поведеме постапка за распуштањето на Собранието и распишувањето на изборите. Ќе разговараме и анализираме и на крајот ќе гласаме“, изјави Мурати за телевизијата.

Иницијативата по писмен пат, претседателот на Уставниот суд од колега судија ја добил во петокот. Тв 24 веќе објави дека иницијаторот уставен судија смета дека Собранието треба да биде функционално, бидејќи не се одржале избори и со тоа одлуките за распуштање на Собранието и распишување на изборите се беспредметни.

За разлика од иницијативата на СДСМ за итна седница на парламентот – единствено за потврдување на одлуките на Пендаровски, евентуалната одлука на Уставниот суд за укинување на одлуката за распуштање на Собранието би значела враќање на овој парламентарен состав во функција со полн капацитет. Потоа би требало да се носи нова одлука за распуштање на парламентот, доколку партиите се согласат изборите да останат предвремени. Би следела и нова одлука на претседателот на парламентот за распишување избори – со нов термин за гласање, што би значело и враќање на почеток на сите изборни процедури, почнувајќи од увидот во изборачкиот список до составување на кандидатски листи за пратеници, наспроти оние кои веќе беа утврдени на 13 март.

Во таков случај, со оглед на уставниот рок од максимум 60 дена од распуштање на парламентот до одржување на изборите, сѐ уште има простор десеттите парламентарни избори да се одржат во текот на летото, односно пред можниот нов бран на коронавирусот.

Другата варијанта е изборите да бидат редовни, за што термините почнуваат да течат во почетокот на октомври, со оглед на тоа што на 30 декември годинава ќе се заокружат точно четири години од конституирањето на овој собраниски состав.