Уставниот суд ќе решава за уставноста на бодирањето на административците


Уставниот суд денеска ќе ја одржи својата 33-та седница на чиј дневен ред се две иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.

Првата иницијатива, поднесена од Јове Кекеновски, се однесува на оценување на уставноста и законитоста на Членот 3 од Законот за изменување на Законот за административни службеници.

Според подносителот на иницијативата, во одредбата бодовите на плата во делот на образованието за државниот службеник со ниво на квалификациите VI Б, односно стекнати 180 кредити според ЕКТС, кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на започнувањето со примената на Законот за административни службеници ќе се вреднуваат со 56 бода.

– Со оспорениот член според подносителот се изедначуваат две категории на вработени, односно тие со VI Б или стекнати 180 кредити и оние со VI A кои имаат 240 кредити, бидејќи се вреднуваат со 56 бода. Ова во иницијативата е наведено како спорно бидејќи се изедначуваат две категории кои имаат различно ниво на квалификации/образование и според подносителот е спротивно на членот 32 од Уставот според кој секој вработен има право на соодветна заработувачка и смета дека  остварувањето на правата и нивната положба се уредени со закон и колективни договори, посочуваат од Судот.

Втората иницијатива се однесува на оценување на уставноста и законитоста на членовите 5, 7, 8 и 165 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

Според подносителот на иницијативата Јован Јоанидис, во Законот за кривична постапка е предвидено дека адвокатот е лице кое не може да биде сведок за тоа што го дознал во вршењето на своето занимање, а е во согласност со Законот за адвокатура, Кодексот на етика на адвокатската комора и Правилникот за дисциплинска одговорност и е должен да го чува како тајна она што му го доверила странката.

– Оспорените одредби кои ставаат обврска меѓу останатите субјекти и на адвокатите да преземат мерки и дејствија за откривање и спречување на перење на пари и финансирање на тероризам подносителот тврди дека се во спротивност со членовите 12, 18 и 53 од Уставот, посочуваат од Судот.

Трета точка на дневниот ред по која треба да расправаат уставните судии се однесува на оспорување на решенијата РПП бр.9/20 од 01.12.2021 од Основниот граѓански суд – Скопје и ГЖ-606/22 од 02.03.2022 година на Апелациониот суд во Скопје.

Според подносителот на оваа барање Mилан Јовчевски, преку адвокат Трајче Арсов од Велес, судовите требало да ја избришат политичката партија „Родина” од судскиот регистар, бидејќи бројот на основачи се намалил под законскиот минимум, односно 248 од основачите со заверка на нотар потпишале дека истапуваат од партијата.

– Подносителот наведува дека судовите постапувале произволно и го повредиле членот 110 алинеја 3 од Уставот, кој се однесува на слобода на мислата и јавно изразување на мислата, политичко здружување и дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, посочува Уставниот суд.