Уставниот суд ќе расправа по обвинението за Антонио Милошоски за случајот „Моќник“


 

Уставниот суд утре на дневен ред ќе го има барањето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, околу обвинителниот акт за него во случајот „Моќник“. Во овој случај, за кој Кривичниот суд го прифати обвинението од Основното јавно обвинителство во Скопје во октомври 2020, обвинети се 13 лица. Освен за Милошоски обвиненија има и за неговиот татко Молош, поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, и дел од членовите на комисијата.

Антонио Милошоски е третоосомничен и се товари за делата измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања. Предметот се однесува на продажба на државен и имот на општината, како и за нарачана лустрација против судијата кој во меѓувреме почина.

Барањето на Антонио Милошоски пред Уставниот суд го застапува адвокатот Петро Јанурa, и според соопштението на Судот во него стои дека „подносителот наведува дека му е повредено правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од судија за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје. Во барањето е наведено дека содржините на претходно наведените докази јасно укажувале дека обвинителниот акт КО.број 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, кој бил поднесен до Основниот Кривичен суд Скопје и Решението 11-К.ООА. број 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судијата за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен одел, со кое биле одбиени приговорите како неосновани, биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз подносителот на барањето, Антонио Милошоски, кој е прaтеник од редовите на најголемата опзициона партија ВМРО ДПМНЕ“.