Уставниот суд ќе ја потврди уставноста на Законот за јазици, ќе спори само некои членови
Во рефератот на судијата известител, кој ќе се најде пред уставните судии в среда, а во кој „360 степени“ имале увид, не само што не се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците во целина, туку се аргументира дека тој е втемелен во Уставот. Тоа за што се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се општи формулации во неколку члена од законот, како и две конкретни одредби – за симболите на парите и за водењето на судските постапки.
Членовите или деловите од членовите за кои се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се и дел од забелешките на Венецијанската комисија во нејзиното мислење за законот од 2019 година. Од ДУИ, кои сега чуваат „стража“ пред Уставниот суд, пред да се донесе законот тврдеа дека се согласни во него да се вградат забелешките на Венецијанската комисија.
„Судот да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците“. Ова е препораката во рефератот на судијата известител по вкупно 13 поднесени иницијативи во врска со Законот за употреба на јазиците кој стапи на сила во 2019 година, а за кој ќе одлучува Уставниот суд.
„Содржината на оспорениот Закон за употреба на јазиците во целина ја имаат својата уставна основа и оправданост во амандамнот V на Уставот на Република Северна Македонија. Оттука, сметаме дека не може да се поведе под сомнение неговата уставност ниту во поглед на овој амандман, ниту со член 51 ставовите 1 и 2, член 8 став 1, како што е наведено во иницијативите“, пишува во рефератот.
Ова значи дека в среда нема да се поведе постапка за оценување на уставноста на Законот во целина, и не само тоа. Туку нема да се запре ниту спроведувањето на законот со носење т.н. времена мерка.
„Не се исполнети условите… да се прифатат барањата во иницијативите, до донесувањето на конечна одлука, Судот да донесе решение за времена мерка со запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон“, пишува во рефератот.
Сето ова упатува на заклучок дека по седницата на Уставниот суд в среда, во практика, нема да се смени ништо.
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети заедно со виоски претставници на коалицијата „Европски фронт“ попладнево ќе им се придружат на членовите и поддржувачите на ДУИ кои од вчера ја спроведуваат т.н. иницијатива „Стража за јазикот“.
„Како што знаете има 13 иницијативи. Една од најволуменозните е самата иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ. Ако ги разгледаме внимателно сите инциијативи, тие се на два основи. Со првата основа се бара целосно поништување на албанскиот јазик, на Законот за употреба на албанскиот јазик, а втората основа според иницијативите и според тоа што е доставено пред Уставниот суд, е повеќе од десет членови да се избришат и да се укинат“, рече Арбр Адеми од ДУИ по состанокот на Централното претседателство на ДУИ во Мала Речица.