Уставниот суд го отфрли барањето на Милошоски со кое тврди дека е политички гонет


Уставниот суд го отфрли барањето за заштита на слободи и права за Антонијо Милошоски, кој практично тврди дека се суди не заради криминал туку затоа што е пратеник на опозициска партија.

Милошоски  поднесе вакво барање заедно со обвинителен акт и со решение со кое обвинителниот акт бил одобрен во целост. Уставниот суд оцени дека обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот, туку станува збор за поднесок, односно едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривична постапка.

„Имајќи го предвид погоре изнесеното и според означената одредба од членот 51 од Деловникот, Судот одлучува за заштита на слободи и права повредени со конечен или правосилен поединечен акт, како и имајќи ја предвид одредбата од членот 52 од Деловникот, според кој во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд, а во конкретниот случај обвинителниот акт, што со овој предмет не е случај. Судот утврди дека не се исполнети процесните претпоставки од наведените одредби од Деловникот на Уставниот суд, за мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата“, се вели во одлуката.   

Во барањето Милошоски  тврди дека му е повредено правото на недискриминација, односно забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот, со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од судија за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје. Според Милошоски приговорите за обвинителниот акт му биле одбиени како неосновани, а биле донесени од неетички и малициозни причини и  исклучиво со цел да се врши притисок и негова политичка дискредитација како пратеник од редовите на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ.

Антонијо Милошоски го оспорува обвинението за случајот во јавноста познат како „Моќник” и тврди дека му се суди само поради тоа што е член на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Освен на Милошоски во случајот „Моќник” им се суди и на неговиот татко и на уште десетина други обвинети. Сите се товарат за вмешаност во нелегална продажба на објект во село Ижишта, општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница но и за тоа како е нарачана и извршена лустрација на сега веќе починатиот судија Драги Билески.