Уставниот јазол мора да се разреши, порано или подоцна, вели италијанскиот амбасадор


 

Јасно е дека во моментот има позитивен “моментум“, кој е важно да се искористи. Како што неодамна истакна нашиот министер за надворешни работи Тајани, иднината на Западен Балкан е во Европската унија. Патот на Македонија е трасиран, со добро дефинирана процедура. Со која брзина ќе се напредува, ќе зависи на прво место од вас, од тоа колку брзо ќе ги спроведете потребните реформи, за усогласување на вашето законодавство и вашите стандарди со европските, вели во интервју за „Локално“, италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри за европскиот пат на Македонија и преговорите со ЕУ.

За евроскептицизмот меѓу македонските граѓани, Силвестри истакнува дека се должи на предолго поминато време помеѓу добивањето на статус на земја членка и почетокот на преговорите.

Во однос на борбата против корупцијата, италијанскиот амбасадор посочува дека претставува комплексен проблем кој бара интервенции на повеќе нивоа.

„Од оваа гледна точка со Владата и Државната комисија за спречување на корупција го споделуваме искуството се кое се стекнавме во Италија, исто така и преку нашата Национална антикорупциска агенција. Во суштина, феноменот има и ‘културолошка’ димензија, односно каков е ставот на народот во однос на него. Неопходно е сите – функционери и граѓани – да ја присвојат културата на легалноста“, објаснува Силвестри.

Зборувајќи за уставните измени амбасадорот вели дека тоа е јазол што треба да се разреши.

„Јасно е дека измените ќе мора да бидат изгласани во Собранието, согласно нормите кои се на сила. Во секој случај станува збор за јазол што треба да се разреши, порано или подоцна, под ризик да го забави процесот. Затоа, одговорност на сите политички фигури е на најдобар начин да се соочат со ова прашање за јасно да ја покажат нивната поддршка за европската перспектива на земјата“.

Околу процедурата со европското знаменце Силвестри не е толку остар како делегацијата на ЕУ во земјава. Тој вели:

„Потсетувам дека Собранието во целост се произнесе во корист на стратешката Програма од која произлегува предметниот проект. Што се однесува до процедурата на европското знаменце, станува збор за внатрешна парламентарна процедура, која беше создадена за да помогне за брзо усвојување на делови од европското право. Нејзината конкретна апликација зависи од Владата и од Собранието. Во дадениот случај, извршната власт се повика на поврзаноста на некои проекти за трансевропски транспорт кои беа одобрени од Европскиот парламент, како и на опструкционизмот на опозицијата. Знам дека Делегацијата на ЕУ побара појаснувања по тоа прашање и очекуваме да видиме каков ќе биде одговорот“.