Уставен поведе постапка за Одлука на општина Куманово со која се овозможува градење на станбени згради надвор од централното градско подрачје


Фото: Б. Грданоски

Уставниот суд денеска ја одржа 41. седница со дневен ред на којшто беа закажани осум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за слободи и права.

Меѓу предметите за којшто се одлучуваше е и предметот во којшто е оспорена Одлука на општина Куманово со којашто се овозможува да се градат станбени згради надвор од централното градско подрачје, односно: Одлука за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4” од 12 јули 2022 година.

За овој предмет Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка со што изрази сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката донесена од Советот на општина Куманово.

Уставниот суд оцени дека со Одлуката директно се влијае на веќе започнатите постапки за добивање на одобрение за градење и се наметнува обврска на граѓаните кои имаат започнати постапки, а не добиле потврда за заверка на проектната документација, повторно од почеток да ја почнат постапката.

Според Уставниот суд ова води кон правна несигурност, а граѓаните се соочуваат со тешко отстранливи последици. Поради ова Уставниот суд одлучи да го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука.