Уставен одлучува: Ќе застарат ли случаите на СЈО?

Уставниот суд на Република Северна Македонија денеска ќе одржи седница на чиј дневен ред се повеќе иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на неколку уредби со законска сила и одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба.

На дневен ред на 24-тата седница на Уставен суд се 16 точки, од кои прва е иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Член 353 став 5 од Кривичниот законик, кој предвидува казна затвор од минимум пет години за функционери кои го оштетиле буџетот со јавни набавки.

Од Уставниот суд за МИА велат, дека ова е една од поинтересните точки за медиумите и дека по завршување на седницата ќе информираат за сите точки на дневен ред.

– Уставниот суд еднаш има расправано и одлучувањето беше одложено, велат од Уставниот суд.

Уставниот суд оваа иницијатва, под број 106/2018 претходно ја има разгледано на 26-тата седница одржана на 13.11.2019 година.

Имено, ако Уставниот суд го поништи ставот 5 од членот 353 од Кривичниот законик, со минимум 5 години затвор за министрите и други високи функционери – потписници на незаконски јавни набавки со кои го оштетиле значително државниот буџет, застаруваат сите предистраги, истраги, обвиненија на СЈО, но и пресудени случаи од организиран криминал од 2004 година наваму, откога почнал да се применува, пишуваше вчера СДК.

На дневен ред се и уредбите со законска сила за финансиска подршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање домашна платежна картичка намената за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба и уредбата за прашања поврзани со изборниот процес, како и одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба од 16 мај 2020 година.