Успешно заврши пробниот најдолг непрекинат лет од Њујорк до Сиднеј

Австралија – Австралиската авиокомпанија „Квантас“ успешно го заврши најдолгиот непрекинат лет од Њујорк до Сиднеј превезувајќи 50 патници и членови на екипажот.

– Пробниот лет од 16.200 километри траеше 19 часа и 16 минути, објави денеска „Квантас“ на Твитер.
Авионот полета од аеродромот Џон Ф. Кенеди во Њујорк во петокот вечерта и утрово слета на аеродромот Кингсфорд Смит во Сиднеј.

Авионот и неговите патници беа подложени на тест за ментална и физичка издржливост.

На првиот од трите „супер долги“ пробни летови, што австралискиот национален авиопревозник „Квантас“ ги реализира оваа година, научниците ги следат ефектите од повеќечасовните непрекинати летови врз патниците.

Минатата година „Квантас“ го воведе првиот директен лет од западниот австралиски град Перт кон Лондон, кој трае 17 часа и е еден од најдолгите патнички летови во светот.

Наредните месеци „Квантас“ ќе тестира и лет од Лондон за Сиднеј.

Во моментот „Сингапур Ерлајнс“ го има најдолгиот комерцијален лет од Сингапур до Њујарк, што трае 18,5 часа.