ДУИ бара оставка од Костадиновски: Не им се допадна одлуката за „Безебден град“


Фото: Б. Грданоски

емократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на изјавите на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, поврзани со проектот „Safe City“, оценувајќи ги како скандалозни и неприфатливи.

Од партијата соопштија дека ставот според кој СМС-пораките во рамки на системот „Safe City“ треба да се испраќаат само на македонски јазик, додека можат да се испраќаат и на англиски, но не и на албански, претставува дискриминација и кршење на духот на Уставот.

Со оваа постапка претседателот на Уставниот суд ги надминува своите надлежности и брутално интервенира во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата, се наведува во реакцијата на ДУИ.

Од партијата тврдат дека во последните две години Уставниот суд носел одлуки кои, според нив, ги поткопуваат достигнувањата од Охридскиот мировен договор. Притоа посочуваат дека албанските и турскиот судија во Судот биле надгласани.

ДУИ побара итна оставка од Костадиновски, како и од секој судија кој, според нив, ги поддржува ваквите ставови.

– Во спротивно, тој ќе сноси целосна одговорност за секоја последица што може да се појави на планот на меѓуетничките односи, велат од ДУИ.

Во реакцијата, партијата упатува и критики кон коалицијата ВРЕДИ, оценувајќи дека е коодговорна за, како што велат, антиуставните постапки на Уставниот суд.

ДУИ порачува дека останува определена во одбрана на уставниот поредок, еднаквоста и соживотот во државата, додавајќи дека секој обид за нарушување на овие принципи ќе добие соодветен политички и демократски одговор. објави Скопје1.мк