Успехот на крајната десница во Германија ја растресе владината коалиција

Канцеларот Олаф Шолц изјави дека резултатите во Тирингија и Саксонија се „горчливи“


Олаф Шолц треба да биде загрижен

 

Германските покраински избори, кои им нанесоа тежок удар на партиите во владата на канцеларот Олаф Шолц и историските победи на две партии против естаблишментот, веројатно ќе ја влошат нестабилноста во веќе расцепканата владејачка коалиција.

На само една година до националните избори во најголемата европска економија, резултатите од неделата се чини дека ќе го зголемат притисокот врз Шолц да биде построг во однос на имиграцијата и ќе ја интензивираат дебатата за поддршката за Украина како прашања што доминираа во кампањата.

Aвторитетot на германската влада, исто така, може да ја комплицира европската политика кога другата голема сила на блокот, соседна Франција, сè уште се бори да формира влада по предвремените избори во јуни и јули.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги нарече резултатите од двата регионални избори на кои забележаа големи победи за екстремната десница АфД и загуби за неговата коалиција „горчливи“ и ги повика главните партии да формираат влади без „десничарски екстремисти“.

Алтернатива за Германија стана првата екстремно десничарска партија која победи на покраински законодавни избори во Германија по Втората светска војна со нејзиниот резултат во гласањето викендов во Тирингија. Дојде на блиско второ место зад конзервативците во Саксонија.

Но, АфД, која безбедносните службеници ја сметаат за „десничарско екстремистичка“ во двете источногермански покраини, веројатно нема да може да владее бидејќи другите партии досега одбиваа да соработуваат со неа за да формираат мнозинство.

„Резултатите за АфД во Саксонија и Тирингија се загрижувачки“, рече Шолц во изјава за Ројтерс. Тој појасни дека зборувал како пратеник на неговата Социјалдемократска партија.

„Нашата земја не може и не смее да се навикне на ова. АфД ѝ штети на Германија. Таа ја слабее економијата, го дели општеството и го уништува угледот на нашата земја“.

На една година до националните избори во Германија, резултатите во неделата ја казнија поделената коалиција на Шолц, што може да ги влоши внатрешните борби.

Сите три владејачки партии изгубија гласови, при што само неговата СПД удобно го расчисти прагот од 5 отсто потребен за да остане во парламентите на двете покраини.

Новодојденецот на популистичката левица, Алијансата Сахра Вагенкнехт (БСВ), основана од поранешен член на Комунистичката партија на Источна Германија, помина подобро од сите три коалициски партнери на своите први покраински избори, освојувајќи го третото место.

„Изборните резултати во неделата се горчливи – и за нас“, рече Шолц. Но, тој истакна дека пострашните предвидувања, дека СПД може да испадне од државниот парламент за прв пат, не се остварија.

Помладите коалициски партнери Зелените и про-бизнис Слободните демократи отпаднаа од парлемнтот во Тирингија.

Аналитичарите рекоа дека најверојатно влијанието на резултатите ќе биде зголемена расправија во идеолошки хетерогената коалиција на Шолц.

Коалициските партнери, кои се во владата од 2021 година, беа во несогласување дури и пред изборите, бидејќи на крајот на минатата година избувнаа тензии околу буџетот за оваа и следната година.

Потпретседателот на ФДП, Волфганг Кубицки, во неделата рече дека изборните резултати покажале дека коалицијата го „изгубила легитимитетот“ и ѝ штети на неговата партија, што мора да има последици.

Сепак, коалицијата на Шолц веројатно нема целосно да се распушти, бидејќи тоа не е во интерес на трите партии.

Популарноста на БСВ и АфД ги наведе главните партии да го заострат својот став за миграцијата и може да ја поткопа поддршката за Украина.

„Прашањето ќе стане понапорно, а Германија најверојатно ќе стане попарализирана, што значи дека другите како Полска, Франција и Италија ќе треба да го постават темпото“, рече Александар Кларксон од Кралскиот колеџ во Лондон. (Ројтерс)