Усогласување на судска практика во Западен Балкан со ЕКЧП клучен приоритет за правосудните институции од регионот


Усогласувањето на судската практика во Западен Балкан во согласност со стандардите на Европската конвенција заштита на човековите права и со пресудите на Европскиот суд за човековите права претставува клучен приоритет за правосудните институции од регионот и нивните напори за зајакнување на владеењето на правото во светло на европските перспективи.

Ова е заклучокот од дводневната конференција „Унификација на примената на Европската конвенција за човекови права на национално ниво и правото на судење во разумен рок“ што се одржа во Скопје во организација на Врховниот суд, во соработка со Европската унија и Советот на Европа во рамки на „Иницијатива за правна сигурност на Западен Балкан“.

На Конференцијата учествуваа судии и претставници од врховните, уставните и апелационите судови од регионот, како и судии и претставници од Европскиот суд за човековите права и од Советот на Европа.

Директорот на Директоратот за човекови права на Советот на Европа, Кристоф Поирел, на конференцијата го истакна значењето на Инцијативата која за има цел да ја зајакне правната сигурност на Западен Балкан во согласност со стандардите на Советот на Европа, но и ја потенцираше одличната соработка со Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир нагласи дека ефикасноста и професионалноста не се суштински само за спроведувањето на правдата, туку дека тие се од клучно значење и за кредибилитетот и за положбата на целиот правен систем.

– За да се добие довербата од јавноста, судството и обвинителството мора да ја осигурат ефикасноста на целокупниот судски систем, притоа почитувајќи ги основните вредности. Но, тие тоа не можат да го направат сами. Потребна е поддршка од Владата, Парламентот, Академијата и потребно е партнерството со граѓанското општество и со медиумите, заклучи Гир во своето обраќање.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми истакна дека за Врховниот суд приоритет е воспоставувањето на ефикасен судски систем кој обезбедува заштита на основните човекови права и слободи, меѓу кои и правото на судење во разумен рок, со цел враќање на довербата на граѓаните во македонското судство со цел тоа да биде модерно и европско. бт/сп/