Усогласени повеќето одредби од Предлог-општиот колективен договор, продолжува дијалогот за методологијата за плати

Синдикатите посочиле методологија на плати со бодови да биде замената со систем на плати врз основа на коефициент на сложеност


Нова предлог-методологија која се базира на тоа дека основната бруто плата ќе биде резултат на минимална бруто плата плус број на бодови за работно место помножено со вредноста на бодот, беше изнесена на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС).

Во текот на дискусијата, како што соопшти Министерство за труд и социјална политика (МТСП), синдикатите посочиле методологија на плати со бодови да биде замената со систем на плати врз основа на коефициент на сложеност, како поедноставна методологија.

-Беше договорено синдикатите да достават предлог по писмен пат за нивна предлог методологија за пресметка на платите до Економско социјалниот совет, како и дека дијалогот ќе продолжи по велигденските празници, информира МТСП.

На седницата бил номиниран и член од ЕСС во Советот на статистика при Собранието, а се дискутирало за Предлог-општиот колективен договор. Седницата ја отвори министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска како претседавач на ЕСС. За член во Советот на Статистика од ЕСС беше номинирана претседателката на Организација на работодавачи, Владанка Трајковска.

Во однос на работата на новиот Предлог-општ колективен договор, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изрази задоволство од сработеното на работната група и посочи дека преку отворена дискусија може да се дојде до одржливо решение.

Од претставници на Министерството за труд и социјална политика, кои се членови на работната група, информираа дека членовите на работната група го помина целиот колективен договор и во најголем дел сите страни се усогласени, со исклучок на мал дел од одредби во делот на плати.