Условни казни за учесниците во инцидентите пред Собранието


Фото: Б. Грданоски

Младен Ристовски, Иван Јосифовски, Славчо Симоновски, Бојан Стефановски, Никола Михаиловски, Виктор Стојков, Штефан Шуман добија условни казни поради настаните пред Собранието каде имаше инциденти. Судијката изјави дека секој мора да одговара за тоа што го направил.

„Обвинетите се огласуваат за виновни за кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело. За што им изрекува алтернативна мерка, условна осуда. На сите обвинети им одредува казна затвор од две години, и определува дека нема да се изврши ако обвинетите во наредните четири години не сторат ново кривично дело“, кажа судијката Славица Андреевска.

Според обвинението, тие ја оштетиле собраниската зграда и повредиле 23 полицајци, од кои еден потешко.

„Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведената претходна постапка, денеска до надлежниот суд поднесе обвинителни предлози против вкупно 12 лица, од кои 9 се обвинети за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 1 од Кривичниот законик, а три лица се гонат за – Предизвикување општа опасност согласно член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За време на јавен собир на граѓани, на 5 и 6 јули, деветмина обвинети учествувале во толпата што изврши кривично дело – насилство пред Собранието на Република Северна Македонија. Тие со камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци и пиротехнички средства фрлале кон полициските службеници распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието. Притоа, на еден полициски службеник му била нанесена тешка телесна повреда, а 26 полицајци се здобиле со телесни повреди. Обвинетите причиниле штета на Собранието во вкупен износ од 576.665 денари, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило Шкода Јети“, пишува во обвинението.