Условни казни за директорите Бесими и Етеми за пожарот во тетовската болница, докторот е ослободен

Милион денари треба да плати тетовската болница. Докторот Вучевски е ослободен од обвинение


Фото: Б. Грданоски

Поранешниот директор на болницата во Тетово, Флорин Бесими, поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми и докторот Бобан Вучевски се огласени за виновни за пожарот во тетовската модуларна болница.

Според судијата Јордан Велковски, тие предизвикале опасност за животот на пациентите и нивните роднини кои биле во болницата во критичниот момент. Смртта на сите лица кои загинаа се од изгореници.

Директорите Бесими и Етеми се осудени на казна затвор од по една година и шест месеци, а им се изрекува условна осуда.

„Утврдената казна нема да се изврши ако во рок од три години не сторат ново кривично дело“, рече судијата.

Милион денари треба да плати тетовската болница. Докторот Вучевски е ослободен од обвинение.

„Обвинетите, не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар и со тоа предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите болни со Ковид-19. Тие не постапиле според мерките и активностите од договорот за заем со Светска банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница па се до настанување на пожарот немале соодветни уреди за заштита од пожар“, рече судијата во дел од образложението на пресудата.

Поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, не се гонеа поради причината за пожарот во тетовската модуларна болница, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар. Докторот Бобан Вучевски се суди бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането. Ова е суштината на обвинетието за пожарот по кое се судат директорите и докторите, чие судење двапати се одлага. Првиот пат, поради отсуство на обвинетите, а вториот, бидејќи обвинетите дојдоа без адвокат.

Пожарот се гаснел со ќебе и вода. За животот на пациентите се бореле двајца доктори, три медицински сестри и болничарка. Сите барале противпожарни апарати, но не успеале да ги најдат.

„….Но сите во обидот да го изгаснат огнот не успеале, по што се развиле пожарни дејствија и пожарот за краток период се проширил по целиот објект, па како резултат на настанатиот пожар пациентите болни од Ковид-19 и членовите на нивните семејства, погоре наведени, како придружни лица починале“, се додава во обвинението.

За докторот Вучевски, има само еден пасус во кој се бара одговроност од него. Но не за пожарот, причините, ниту последиците од немање на противпожарни апарати.

„Обвинетиот Б. В. (Бобан Вучевски), како одговорно лице за време на епидемија не постапил според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање и спречување и не постапил согласно наредбата донесена од страна на медицинскиот директор при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, за забрана на посета на неовластени лица во болничките простории, поради појава на сезонски грип и глобални случувања со Covid-19 и дозволил влез на неовластени лица – членови на семејствата на болните од Covid-19, како придружници, во Модуларната болница“, стои во обвинението.

Директорите се гонеа за две кривични дела и тоа за тешки дела против општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, додека докторот само за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија.

Застапник на обвинението е тетовскиот обвинител Бесир Алиу.

Пожар ја зафати во модуларната болница на 8 септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе.