Уште шест градилишта во Центар казнети со 1.300 евра оти не ја заштитиле околината
За време на теренските контроли извршени во доцните попладневни часови констатирани се нарушувања на комуналниот ред и непочитување на Законот за јавна чистота, пришто изречени се 6 казни во висина од по 1.300 евра. Дополнително, на три локации се отстранети блокатори и столбчиња кои биле бесправно поставени на јавни површини.
„Инспекциските служби се на терен. Покрај редовните надзори, спроведуваме вонредни контроли со цел заштита на животната средина, спречување на загадувањето, одржување на јавната чистота и безбедни тротоари и улици. Нема да толерираме нарушување на јавниот простор“, порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Општина Центар апелира до сите инвеститори и градежни компании да ги почитуваат законските обврски и да преземат мерки за заштита на околината, особено при изведување градежни работи во зони со индивидуално домување.