Уште седуммина позитивни на корона вирус, вкупно заболени 42 лица

Фото: Б. Грданоски

Министерството за здравство вечерва информира дека во рамките на процесот за ран скрининг на заболени од корона вирус кој започна во неколку општини, попладнево се направени 30 тестови со поширока индикација и дополнителни 8 кои пристигнаа преку Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Од 38 тестирани, позитивни на корона вирус се 7 лица, 3 од Дебар и 4 од Скопје.

Во текот на денешниот ден се регистрирани вкупно 11 нови случаи на корона вирус. Со ова, бројката на заболени од вирусот во земјата, состојба до 21:00 часот, изнесува 42. Состојбата на сите пациенти е стабилна. Двајца од заболените имаат средно изразена пневмонија.

Во моментов, се работат уште 22 теста и тие се во рамките на скринингот. За резултатите од овие тестови, Министерството за здравство ќе информира во текот на утрешниот ден.