„Уште постои уметност „со лице, значење, минато, сеќавања“ : Изложба „Градина“ на Ервин Ќатовиќ во Мала станица

Вечерва, во 19 часот, во Мала станица, за прв пат, пред македонската јавност се претставува ликовниот уметник и професор од Србија – Ервин Ќатовиќ, уметник со импресивен опус, и син на Хилмије Ќатовиќ, истакнат уметник и професор на Факултетот за уметности и еден од основачите на ФЛУ во Приштина. Изложбата ќе содржи дваесетина слики во техника акрил на платно, изработени повеќето во период од 2022/23 година и неколку дела од постариот творечки опус.На отворањето пред публиката ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими и кураторката Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

„Тематски, Ќатовиќ нѐ води кон натуралистичка тенденција, репрезентативно отсликувајќи ја реалноста со користење на низа апстрактни моменти. Чувството на леснотија во потегот е повеќе од извесно и успешно нѐ води во хоризонтален формат, каде темните бои што асоцираат на животното искуство се претопуваат во просторот и времето, во жанровски реален состав. Спротивно на ова, композицијата се кохезира со јаркиот тоналитет во разбирањето на помоќното и попрецизното уметниково изразување. Неговите понови слики се на бела заднина со изблик на зелено-модар до окераст пристап. Боите во композицијата нѐ внесуваат во длабочините на употребените симболи и фрагменти од линии и вертикали, дури и геометриски форми, што води кон испреплетена разновидност.
Сликарството во оваа „Градина“ на Ќатовиќ ни ја доближува неговата природа на радост, топла лирика и емпатија, каде преку јазикот на уметничкиот израз ја обликува општата идеја на условно асоцијативните рефлексии, вели кон изложбата, Крстевска.
ЕРВИН ЌАТОВИЌ
Роден е на 12.09.1966 во Приштина. Факултетот за ликовна уметност и постдипломските студии ги завршува на Факулетот за ликовна уметност во Приштина (Р.Косово). Своите студиски претстои и обуки ги реализира во Италија и Франција. Работи како редовен професор на Факултетот за ликовна уметност во Звечани, при Универзитетот во Приштина, со привремено седиште во Косовска Митровица. Редовен професор е на Катедрата за уметност при Државниот универзитет во Нови Пазар (Р.Србија), а од 1999г. работи и како визитинг професор на Педагошката Академија во Белград (Р.Србија).
Има остварено над триесет самостојни изложби во регионот и пошироко, Берлин, Тиват, Подгорица, Нови Сад, Сараево, Сомбор, Ниш. Добитник е награди од областа на сликарството на Биенале на млади во Нови Пазар. Како истакнат студент, добитник е на наградата „Златна палета“ на Здружението на ликовни уметници на Србија во 2019, по повод 90 години јубилејот на друштвото. Добитник е на признанија и благодарници од Српската Академија на науки и уметности во 2009 г.