Уште пет пациенти се во болница со западнонилска треска – кај тројца состојбата се подобрува


Фото: Б. Грданоски

Уште петмина пациенти се на болничко лекување од западнонилска треска, од кои тројца повеќе не се на апарати, а нивната здравствена состојба е подобрена. Досега 28 пациенти се излекувани и отпуштени од болничко лекување, додека вкупно годинава од западнонилска треска заболеа 53 пациенти.

Епидемиолошката состојба со западнонилската треска се смирува, а преземените мерки и засилената координација меѓу Министерството за здравство, здравствените институции и општините даваат резултат, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски.

– Во земјава досега се потврдени вкупно 53 случаи на западнонилска треска. Податоците покажуваат дека просечното времетраење на болничкото лекување изнесува 14 дена, додека најкраткиот период до испис бил осум дена. Институциите континуирано ја следат состојбата, а координираното постапување на централно и на локално ниво придонесува за нејзино стабилизирање – истакна Клековски.

Директорот на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана, информираше дека во моментот пет пациенти се лекуваат на одделот за интензивна нега.

Тројца од нив се екстубирани и нивната здравствена состојба е подобрена. Досега 28 пациенти се излекувани и отпуштени од болничко лекување.

– Моментната состојба е 19 хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, од кои 17 се потврдени, два непотврдени – соопшти министерот за здравство, Сашо Клековски.

Смртноста досега е 11,5 проценти, просечното траење на лекувањето е 14 дена. Најдолгото лекување траело 29 дена, најкраткиот испис е по осум дена.

– Врвот на оптовареност на Клиниката за инфективни болести е на 12 август кога имало 24 хоспитализирани случаи. Моментно, според овој пресек, се 18 – додаде Клековски.

Тој појасни дека односот машки – женски е 3,7 спрема 1. Значи, речиси 4 наспроти 1 во однос на хоспитализациите – четирипати повеќе мажи се хоспитализирани од жени. Сите починати се мажи.

Клековски информира дека првата хоспитализација била во мај. Потоа повеќе недели немало ниеден случај. Потоа почнал раст. На 18 јули Институтот за јавно здравје го издал извештајот врз основа на кој се констатирал овој раст и почнале да се спроведуваат мерките. 

Најмногу хоспитализации имало во периодот од 3 до 24 август. 

Последната недела имало три потврдени случаи и два непотврдени, вкупно пет хоспитализации оваа недела во споредба со 9 до 11 хоспитализации во претходните три недели.

– Дополнителна промена на епидемиолошката слика е дека од условно од Скопје југ, новите случаи сега се од Скопје север, условно се изразувам, или североисток, и тоа го констатираме и се договараме со Град Скопје и со општините за преземање соодветни мерки во тој правец – додаде Клековски.

Дополнително, Клековски информираше дека кај уште еден угинат гавран (досега три) е потврден вирусот на западнонилска треска. Граѓаните дневно пријавуваат до 20 угинати птици, по повикот од министерството, но според Клековски, не треба да се пријавуваат птици кои веќе се изгниени или исушени, затоа што кај нив не може да се направи потврда за присуство на вирусот.(Б.Б.)