Уште незаживеана, платформата на Битиќи „За татковината со љубов“ се сопна поради составот


Многумина сметаат дека ангажирањето на Пешевски и Миновски во најмала рака е политички контрапродуктивно, за што потврда се и многубројните реакции на социјалните мрежи, дури и од редовите на членови и приврзаници на владејачката партија

Мирче Јовановски

Уште незаживеана, иницијативата на вицепремиерот Фатмир Битиќи „За татковината со љубов“, е на пат да „издише“, откако во јавноста излезе дека во неа биле вклучени и високи функционери од поранешната владејачка структура на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа особено се однесува на поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, кој е и дел од судски процес поврзан со нелегални провизии за кинеските кредити, како и екс-министерот за финансии Кирил Миновски, кој ревносно ја спроведуваше политиката на тогашната владејачка партија.

Работата дополнително доби во интензитет кога од страна на кабинетот на Битиќи беше објавен списокот на учесниците во оваа платформа од кој „исчезнаа“ имињата на Пешевски и Миновски, откако ден претходно, нивното учество посредно го потврди и лично Битиќи во гостување на „Топ тема“ на Телма. Кулминацијата се случи набрзо, откако дел од медиумите дојдоа до записникот од првата и засега единствена онлајн средба на „За Македонија со љубов“, каде што се цитираат дискусиите на Пешевски и на Миновски.

Се разбира, целата ситуација ја „зачини“ и ВМРО–ДПМНЕ, од каде постојано се жалат дека власта ги игнорира нивните предлози, но сега кога нивни, навистина поранешни, функционери се најдоа во позиција на директни учесници, лидерот Христијан Мицкоски цинично прокоментира дека „истите што викаа дека е режим, особено Битиќи, испадна дека пола советодавен тим му бил од режимот. Сега, бил режим или не?“

Засега не е познато дали воопшто ќе доде до нова средба на оваа иницијатива во која членувањето е доброволно и без никакв надомест.

„Во секој случај, идејата е за поздравување. Знаеме дека имаме прилично комплицирано и политички антагонистички насочено општество, а ваквите иницијативи би требало да водат кон спојување, приближување на различните страни“, вели еден од учесниците, додавајќи дека во ситуација кога се направи целата фама кој сѐ е вклучен во ова тело, токму опозицијата треба да е горда што се вклучени и нејзини членови во едно консултативно тело насочено кон креирање на политики и стратешки размислувања за политиките, како и дека голем дел од мерките и политиките кои сака да ги спроведе оваа влада ќе може критички да ги опсервира, да ги запре или да ги подобри.

Прво ги повикуваат експертите, а потоа ги напаѓаат

„Ако се прашуваа луѓето, а често се прашуваат, зошто експертите, неутралните луѓе, академските граѓани и тн., не се вклучуваат да помогнат во определени иницијативи, или во управување, раководење со државата, или на кој било начин не аспирираат за дел од овие места, е тоа е причината. Политизацијата на ваквите ситуации како со ‘За татковината со љубов’, препукувањето од двете страни и непријатноста што се создава од таа околина ги тера луѓето да бегаат од иницијативите, сите што се интелигенцијата, оние што имаат капацитет… Ја тера експертската јавност да се држи на страна од целите процеси. И од реформските процеси кои ќе следат како што ќе се приближуваме кон Европската унија, се тргаат на страна и остануваат другите да ја водат државата“, вели универзитетскиот професор Борче Треневски. „Нас често нѐ прашуваат – зошто не се вклучат професорите, зошто немате аспирација за некоја функција… Токму поради политизацијата, политичкиот антагонизам, покажувањето со прст итн, ги тера голем дел од луѓето кои имаат капацитет, кои можат да помогнат за државата, после ваквите ситуации да се повлечат и да се држат на страна“, додава тој.

Иронично е што опозицијата која повикува на експертска влада, со реакциите и коментарите креира амбиент во кој експертите ќе се воздржуваат да се вклучат во владата, па пак ќе се ангажираат политички личности, а другите луѓе ќе стојат на страна и нема да сакаат да влезат во кашата…

Сепак, многумина сметаат дека ангажирањето на Пешевски и Миновски, во најмала рака е политички контрапродуктивно, за што потврда се и многубројните реакции на социјалните мрежи, дури и од редовите на членови и приврзаници на владејачката партија. Некои од учесниците на првиот онлајн состанок на „За Македонија со љубов“, пак, на некој начин се оградија велејќи дека не биле запознаени со составот на оваа иницијатива.

Објаснувањето на Битиќи дека списокот е отворен и дека е променлив, воопшто не ја смири тензијата. Напротив.

Еден од тимот на иницијативата на Битиќи, кој беше и во Економскиот совет што пролетоска го покрена премиерот на техничката Влада, Оливер Спасовски, вели дека тоа тело (Економскиот совет) на некој начин било порелевантно од „За Македонија со љубов“ бидејќи имало и оперативни идеи и ставови.

„Не навлегувам дали тие беа прифатени или не, но ‘За Македонија со љубов“ не е оперативно тело. Во него се даваат стартешки насоки на среден и подолг рок, но не значи дека тие се апликативни. Во Економскиот совет учесниците имаа некакво влијание на некои краткорочни мерки на техничката влада“, вели тој, потсетувајќи дека дел од Економскиот совет беа и актуелни високи партиски функционери од ВМРО ДПМНЕ, но и видни стопанственици. Но, за разлика од сега, кога списокот на учесници љубоморно се криеше од јавноста сѐ додека тоа можеше да се прави, во март-април, учесниците во Економскиот совет беа јавно објавени, па дури имаше и фотографии од првата средба.

Инаку, вицепремиерот Битиќи во повеќе наврати изјавуваше дека сака да создаде широка платформа во која учество ќе земат сите оние кои сакаат да придонесат за развојот на татковината, па знаеше јавна понуда за пристапување кон иницијативата да им даде и на членови или на симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ во дебатни телевизиски емисии, често ставајќи ги во деликатна ситуација дали да одговорат позитивно или да ја тераат партиската агенда.

Тој тоа го повтори и по реакциите во јавноста за составот на иницијативата. Во статус на Фејсбук, Битиќи истакна дека планира во неа да ги вклучат сите заинтересирани релевантни експерти за поединечни теми на интерес, но оти нема да дозволи „никакво компромитирање на оваа благородна иницијатива, ниту пак какво било партиско-политичко профитирање“.

Отворена врата

Тој повтори дека активни членови на платформата моментно се: Агим Мамути, Благица Петрески, Борче Треновски, Борче Смилевски, Борис Ефтимовски, Ванчо Узунов, Веле Самак, Висар Адеми, Вељанд Рамадани, Виктор Мизо, Горан Рафајловски, Зоран Кочоски, Игор Ивановски, Игор Андреев, Коста Петров, Љупчо Зиков, Марјан Петрески, Никица Мојсовска-Блажеска, Никола Поповски, Нина Фити, Олимпија Заевска-Христова и Сашо Ќосев.

„Станува збор за неформално тело, односно платформа за дискусија со луѓе кои можат да дадат мислење, совет или експертиза за да дојдеме до поквалитетни предлози и политики. Тие не се професионално ангажирани како советници во мојот кабинет или во Владата, ниту нивните мислења се обврзувачки за Владата ниту пак ќе примаат каков било надомест“, вели Битиќи и како што вели „составот на ‘За татковината со љубов’ е флуиден, односно ќе се менува во зависност од темата“.

„На првиот состанок имаше повеќе од 20 економски експерти од различни области. Сега веќе се пријавија уште десетина други што би сакале да учествуваат на наредните состаноци“, напиша Битиќи, порачувајќи дека неговата врата е и „останува отворена за сите професионалци и експерти кои што сакаат да се вклучат и да помагаат во интерес на граѓаните“.

Универзитетскиот професор Треновски вели дека за да биде пооперативно, во рамките на ова тело би можело понатаму да се формираат определени работни групи во кои оние што се вклучени ќе можат повеќе да придонесат за различни области.

„Во секој случај да кажеме дека сите си ја сакаме татковината и дека ако ги подобриме условите за живот, ги подобруваме за сите граѓани. Не се подобруваат ниту по етничка, ниту по партиска линија ни по некоја друга. Секоја успешна реформа, секој успешен закон ќе донесе бенефит за сите граѓани. Значи, секој треба да сака да придонесе колку што може со своето знаење и со својот ангжаман“, вели професорот Треновски.