Жена од Струга нова жртва од корона вирусот. Бројот на заболените зголемен за 22


Министерот за здравство, венко Филипче објави дека во изминативе 24 часа се регистрирани 22 нови случаи на корона вирус во земјата и дека има уште еден смртен случај, тоа е жена од Струга. Со тоа, вкупниот број на починати сега изнесува 4.

Според неговата објава на фејсбук за прв пат има заразени бо Битола и Струга. По градови во Скопје има 9, Куманово (3), Струга (3), Тетово (2), Дебар (2), Прилеп (2), Битола (1). Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12.00 часот изнесува 241 лице.

Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во:
Скопје – 143
Дебар – 45, од кои 2 починати
Куманово – 20 од кои 1 починат
Штип – 8
Прилеп – 8
Тетово- 4
Охрид- 3
Велес – 3
Струга – 3, од кои 1 починат
Кавадарци – 2
Гостивар – 1
Битола – 1

Утрово почина една пациентка на 66-годишна возраст од околината на Струга. Таа и нејзиниот сопруг се дијагностицирани позитивни на корона вирус во текот на вчерашниот ден. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.

Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 март) биле на гости во Дебар и имале контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација.

Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на корона вирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден.

Поради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница.

Заради ова, Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај.

Во текот на вчерашниот ден направено е тестрирање на персоналот на Клинката за кардиологија, сите тестови се негативни на Ковид-19.