Уште една шанса за Јанева да излезе од притвор


Фото: Б. Грданоски

Поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева има уште една шанса пред судовите да излезе од притвор во Шутка. Нејзините адвокати пред неколку дена, односно на 26 септември, три дена откако обвинителката Вилма Русковска ја затвори истрагата за нејзе, поднесоа жалба на одлуката на судија на претходна постапка кој ја одби нејзината гарација од три стана за да излезе на слобода.

Жалбата на решението е кај судијата на претходна постапка, а тој треба да ја проследи до Кривичниот совет. Но, одлучувањето за оваа жалба ќе почека и кривичниот совет ќе решава по нејзе дури кога Апелацискиот суд ќе го врати предметот за ексобвинителката во Кривичниот суд, велат за „Независен весник“ од Кривичниот суд.

Судиите во Апелацискиот суд вчера ја одбија едната жалба на Јанева и заклучија дека поранешната шефица на СЈО треба да остане во притвор во Шутка бидејќи има опасност да избега.

Адвокатите на Јанева минатата недела и деновиве ги разгледуваа доказите коишто ги собрало Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција против Јанева.

„Сите докази кои ни ги даде Обвинителството ги видовме, но има докази и вештачења кои не им се готови и не ни ги дадоа на увид иако има донесено решение за завршување на истрагата. Според нас тоа претставува кршење на закон, не може да се заврши истрага, а се уште да се прибираат докази“, ни изјави еден од адвокатите на Јанева, Дељо Кадиев.

Адвокатите денеска не се видоа со својата клиентка, ќе одат во Шутка деновиве за да ја договорат стратегијата за одбрана и ќе одлучат какви докази ќе предложат. На нашето прашање, дали очекува овој случај да влезе во судница со оглед на тоа дека постои опција Јанева да се спогоди со Обвинителството и да се избегне медиумското внимание во судница за овој случај, Кадиев вели дека засега нема причина зошто овој предмет да не влезе во судница.

Утре во Апелацискиот суд треба да се појави првоосомничениот за аферата „Рекет“, Бојан Јовановски. Тој заедно со својот адвокат на јавна седница ќе ги образложува причините поради кои треба да излезе од Шутка.

Од тројца осомничени за „Рекет“ едниствено во домашен притвор е второосмничениот Зоран Милевски – Кичеец кој два пати беше во Обвинителството на распит. Јанева и Јовановски се уште немаат дадено исказ во Обвинителството иако веќе еден дел од истрагата за наводното земање рекет од осомничениот бизнисмен Орце Камчев, е завршена. Тројцата осомничени се товарат дека зеле 1,5 милион евра од Камчев со ветување дека ќе биде ослободен од обвинение за случајот кој го отвори СЈО „Империја“. Другиот дел од истрагата за невладината организација на Јовановски, Меѓународен сојуз, треба да даде одговори кај завршувале парите кои се давале во овој сојуз кој имаше голема поддршка од актуелната власт. Засега за оваа афера се осомничени само тројца, а меѓу нив нема ниту еден политичар. (Ф.Ф.С.)