Уште една протестна нота од Бугарија – за надгробниот споменик на војводата Велко Скочивирчето


Црквата и дворот околу неа во селото Клепач каде е надгробниот споменик на Велко Скочивирчето

На старата и на новата плоча пишува дека Велко Скочивирчето бил убиен 1904, а историските факти се дека тој и неговите осуммина четници загинале во 1906 година

 

Бугарија внимава на сѐ што се случува во Македонија – така, надгробниот споменик за војводата Велко Скочивирчето во прилепското село Клепач беше причина во Министерството за надворешни работи да биде повикан вршителот на работите амбасадор Владимир Крстевски. На Крстевски му била врачена протестна нота затоа што бугарската амбасада во Македонија установила дека „споменикот во дворот на црквата во Клепач подигнат во чест на војводата Велко Скочивирчето и осум негови четници бил заменет“. Во соопштението на бугарското МНР стои дека „оригиналниот натпис на книжевен бугарски јазик е заменет, отстранети се цели делови од автентичниот текст, а биле променети и некои од имињата на загинатите четници“.

На Крстевски му било кажано дека бугарската страна инсистира на преземање на потребните дејствија од надлежните органи на Република Северна Македонија за истрага и обнова на оригиналниот споменик. Според Софија, замената на историските артефакти е акт на уништување на автентичното културно наследство и обид за менување на историјата, што предизвикува сериозна загриженост, вклучително и во контекст на потребата за строго спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година“.

Велко Скочивирчето (како што кажува неговиот прекар) е од битолското село Скочивир крај Црна Река. Тој прво бил дел од четата на знаменитот Ѓорѓи Сугарев, а потоа имал самостоен одред. Загинал во Клепач во битката со османлиските сили и тој и неговите четници се погребани во дворот на селската црква.

Но интересно е зошто на надгробниот споменик пишува дека тој и четниците биле убиени во 1904 година, затоа што историските факти зборуваат дека тие загинале на 15 мај 1906. Кога е подигната оваа плоча – веднаш по загинувањето или подоцна (по 10 или 40 години) и зошто на неа има погрешен податок, ако е тоа „историски артефакт“, како што тврди бугарското министерството за надворешни работи во протестната нота.

По реакцијата од Софија веднаш се јави Петар Колев, претседател на партијата Граѓанско демократска унија со писмо до Заев Спасовски и Јовески во кое бара „во најскоро време сторителите ќе бидат исправени пред лицето на правдата, а спомен обележјето вратено таму каде што му е местото“ и дека овој чин бил „варварство, мотивиран од омраза“. Колев најчесто ги брани бугарските ставови околу Македонија, идентитетот и јазикот. (Н.В.)