Уште еден руски ракетен напад на Запорожје по првиот што беше в зори


Ракета врз станбена зграда во Запорожје (Фото: Ројтерс)

 

Смртоносните ракетни напади врз Запорожје беа проследени со уште еден напад врз украинскиот град, соопштија локалните власти во четвртокот.

Наводното бомбардирање дојде неколку часа по ракетните напади пред зори на јужниот украински град, во кои едно лице загина, а седум се хоспитализирани, вклучително и едно тригодишно девојче.

„Внимание! Има уште еден непријателски ракетен напад. Останете во засолништа!“ рече Олександр Старук во објава на Телеграм упатена до жителите.

Според украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, бомбардирањето пред зори се состоеше од седум проектили.

„Русите продолжуваат намерно да напаѓаат цивили за да сеат страв. Рускиот терор мора да се запре – со сила на оружје, санкции и целосна изолација“, напиша Кулеба на Твитер во четвртокот.

„Засега се знае за смртта на една жена“, рече Старук во посебна објава на Телеграм за нападот пред зори. „Седум лица се повредени…Тие се хоспитализирани, меѓу кои и едно тригодишно дете. Спасувачката операција сѐ уште е во тек“.

Старук првично рече дека две жени биле убиени, но го ревидирал бројот на загинати и рече дека втората преживеала.

Првиот напад ги погоди високите станбени згради додека луѓето спиеја, изјави секретарот на градскиот совет на Запорожје, Анатолиј Куртиев, на својот канал Телеграм. Според фотографиите објавени на социјалните мрежи од Државната служба за вонредни состојби на Украина, меѓу оштетената инфраструктура има и една срамнета станбена зграда.

Запорожје е голем град во јужна Украина, недалеку од линијата на фронтот додека Киев напредува низ јужните и источните региони на земјата.