Уште еден лекар, трет кој почина во Албанија од коронавирус

Албанија– Во болницата Шефќет Ндроќи, позната како болница Ковид2, во Тирана, почина познатиот албански пулмолог Анибал Бибери (53), кој прво се лекувал во домашни услови, но пред неколку дена бил префрлен во болницата, каде и покрај сите напори на неговите колеги починал денеска.

Бибери повеќе години работел како лекар и во познатиот затвор „302“ во Тирана.

Тој е трет лекар кој ја губи битката со опасниот вирус, по Арјан Пуши, познат хематолог, професор на медицинскиот факултет во Тирана, кој почина на 30 јуни а по неколку дена и Хисни Шкјау, матичен лекар.

Опасниот коронавирус зема се поголем замав во Албанија, за што потврда е се повисокиот двоцифрен број на новозаразени во изминатиот и првите денови од овој месец кога во просек се регистрани по над 110 заразени.

Во исто време се зголемува и бројот на починати, во просек по четворица пациенти дневно.