Уште еден или последен обид за законот за обвинителство


Се обновуваат разговорите во работните групи на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство. За таа цел за денеска е најавен нов состанок во Собранието, кој ќе биде прв по неуспешната лидерска средба, која „резултираше“ единствено со растурање на СЈО.

Паралелно, за денеска е најавен и распит во Обвинителство за организиран криминал и корупција на првоосомничениот за случајот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13. Утре, пак, на распит кај обвинителката Вилма Русковска ќе оди повторно сега веќе поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која е третоосомничена во аферата која ги разниша позициите на СЈО и ги обремени преговорите за новиот закон за јавно обвинителство.

Откако досегашните специјални обвинители се вратија на старите работни места во редовното обвинителство и дел од нив ги добија назад предметите што ги застапуваа во СЈО, министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска вели дека е подобро да не се донесе нов закон за јавно обвинителство отколку да се донесе лош и нефункционален закон.

– Идеална ситуација би била законот да се донесе. Но гледаме дека има отпор од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за донесување заеднички солидни решенија што ќе ги имплементираат европските стандарди. Мојата опција е дека би било подобро да не донесеме закон отколку да донесеме лош закон кој ќе внесе поретроградни решенија од постојните и нема да значи напредок на нашето законодавство кон европското – изјави Дескоска во интервју за Канал 77.

Прашањето до Дескоска беше поставено во контекст на претстојната одлука на Европскиот совет за нашата земја, односно дали може да очекуваме отворање на преговорите со ЕУ без да биде донесен новиот закон за јавно обвинителство. Министерката посочи и дека донесувањето на законот за јавно обвинителство се базира на Стратегијата за реформи во правосудството, која е усвоена од владата, но и одобрена од Европската комисија. Оттаму, како што рече, произлегува обврска да се обезбеди посебен орган во рамките на Јавното обвинителство што ќе гони висока корупција и ќе овозможи продолжување на случаите на СЈО. Дескоска додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не сакала да се спомне ни „С“ од СЈО во законот.

– Тоа беше една игра на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се почека 15 септември, кога очекуваа специјалната јавна обвинителка да го изгуби мандатот, СЈО да биде замрзнато, а со него и случаите што ги отвори. И очекува тоа да трае една година – рече Дескоска. Таа посочи дека клучното барање на ВМРО-ДПМНЕ беше дека треба да има одредба во која сите постапки што се почнати по 30 јуни 2017 година ќе запрат, сите докази ќе бидат фрлени во вода, а претходните постапки ќе бидат трансферирани…

Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за МИА изјави дека на СДСМ не му одговара да се донесе законот за јавно обвинителство, туку „сака да имплементира правно насилство во пресметката со политичките неистомисленици“.

– Нашите позиции се многу различни во овој момент. Нашата позиција е процеси и безусловно почитување на законите и Уставот. Нивната позиција е индивидуи, луѓе, поединци кои во целиот овој процес му слугувале практично на СДСМ и на Зоран Заев и, ако е потребно за политички цели, определени компромиси со почитувањето на законите и Уставот. Кога ќе видиме дека работните групи ги доближиле овие ставови, тогаш би можеле да организираме лидерска средба и повторно да направиме обид да се договориме. Ова се принципите врз основа на кои ние можеме да се договориме. Вака како течат преговорите од страна на СДСМ не сум оптимист бидејќи мислам, да не речам сум убеден, дека не сакаат да има договор – изјави Мицкоски.

Претседателот на парламентот Талат Џафери, во интервју за Радио слободна Европа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не го поднела досега законот за јавно обвинителство што го најави. За законот што го подготви владата, пак, вели дека е во второ читање, но дека претседателот на матичната комисија им дал простор и време на партиите за да може да продолжат преговорите за амандманите. Во однос на шансите да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, Џафери вели дека не е работа на претседателот на Собранието да предвидува како ќе оди текот на разговорите за законот.

– Позициите на страните се спротивни и нема сигнал дека се приближуваат. Од друга страна, опозицијата најавува дека поднела предлог-закон. Тој предлог закон опозицијата го поднела до преговарачката група на другата партија, а медиумите, јавноста се прашува кај е предлогот, зошто не се става во Собранието. Што значи дека во Собранието нема конкретен предлог од опозицијата, но како размислување на опозицијата можно е да дале предлог-закон до работната група на другата страна и тоа сега се третира како предлог на опозицијата, но во меѓупартиските преговори, а не во собраниските процедури – вели Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од анкетна комисија за СЈО

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека наскоро ќе поднесат до парламентот нов предлог за формирање анкетна комисија која ќе го испитува работењето на СЈО, откако спикерот Талат Џафери им го врати првиот предлог поради технички и формални пропусти. Предлогот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, не беше со новото уставно име на државата, туку со старото име Република Македонија. Исто така, се избегнува спомнувањето на името на претседателот на парламентот Џафери, туку се користи само функцијата. Причина за тоа е што ВМРО-ДПМНЕ не ги признава ниту Преспанскиот договор ниту актуелниот шеф на парламентот, кој беше за време на насилствата на 27 април 2017 година. Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе поднесат нов предлог за формирање анкетна комисија, ама не прецизираат дали тој ќе биде со уставното име на државата и дали ќе биде посочено името на претседателот на парламентот.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека забелешките на Џафери биле само изговор и дека во минатото и тој како пратеник поднесувал барања за формирање анкетни комисии во истиот формат. Според опозицијата, Џафери и СДСМ сакале да го дисквалификуваат Собранието од каква било можност за расправа за СЈО.

Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска, пак,во емисија на Алсат постави прашање чија одговорност ќе утврдува Собранието преку анкетната комисија што ја бара ВМРО-ДПМНЕ, кога Катица Јанева е разрешена и од СЈО и од обвинителството во Гевгелија.

– Анкетна комисија формирате за да испитате постоење основи за одговорност на носител на одредена функција. Во случајот немате обвинител за чија одговорност можете да расправате – рече Дескоска. (А.М.М.)