Уште еден договор за „Брегзит“ во последен момент


Брисел – Британија во четвртокот во последен момент постигна договор за „Брегзит“ со Европската Унија, но сепак е соочена со предизвикот да го одобри Парламентот.

„Онаму каде што има волја, има договор – ние имаме. Тоа е фер и избалансиран договор за ЕУ и Велика Британија и е сведоштво за нашата посветеност да изнајдеме решенија“, рече претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер на Твитер неколку часа пред самитот на ЕУ во Брисел.

Тој рече дека ќе им препорача на лидерите на другите 27 земји членки да го одобрат договорот.

„Верувам дека е време да се заврши процесот на развод и да се придвижи, што е можно побрзо, кон преговори за идното партнерство на Европската Унија со Велика Британија“, рече Јункер во приложеното писмо.

Исто така, британскиот премиер Борис Џонсон рече „ние имаме одличен договор за ‘Брегзит’“.

Џонсон се надева дека ќе добие одобрение за договорот со гласање на вонредната седница на британскиот Парламент в сабота, за да го отвори патот за уредно заминување на 31 октомври.

Сепак, партијата на Северна Ирска, која на Џонсон треба да му помогне во ратификувањето на кој било договор, одби да го поддржи договорот што беше преговаран во текот на неколку недели.

Шефот на најголемата опозициска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, изјави во Брисел дека е „несреќен“ од договорот и ќе гласа против. Пратениците во неговата партија рекоа дека им било кажано да гласаат за втор референдум в сабота.

Преговарачите работеа френетично оваа недела за да се договорат нацрт-компромис за прашањето за ирската граница, најтешкиот дел од „Брегзит“, справувајќи се со сè, од царинските испостави до проблемот за согласност од администрацијата на Северна Ирска.

Контролата беше како да се спречи границата да стане задна врата во единствениот пазар на ЕУ без да се воспостават контролни пунктови што може да го поткопа Договорот за Велики петок во 1998 година – со кој заврши деценискиот конфликт во покраината.

Договорот ќе ја задржи Северна Ирска во царинското подрачје на Велика Британија, но тарифите ќе се применуваат за стоките што преминуваат од Велика Британија кон Северна Ирска, доколку се смета дека одат понатаму, кон Ирска и единствениот пазар на блокот.

Како и да е, Демократската унионистичка партија (ДУП), која ја поддржува владата на Џонсон, рече дека текстот не е прифатлив – чекор што може да ги поттикне тврдокорните „брегзитери“ во неговата Конзервативна партија, исто така, да се спротивстават на ратификувањето, освен ако не се обезбедат дополнителни измени.

„Како што стојат работите, не можевме да го поддржиме она што се предлага по прашањата за царина и согласност и постои недостаток на јасност на ДДВ (данок на додадена вредност)“, се вели во соопштението на лидерот на ДУП, Арлен Фостер и заменик-лидерот Најџел Доддс.

„Ние ќе продолжиме да работиме со владата за да се обидеме да добиеме разумен договор што работи за Северна Ирска и го штити економскиот и уставниот интегритет на Велика Британија“.

Џонсон нема мнозинство во Парламентот со 650 места, а во пракса му се потребни 320 гласа за да добие ратификуван договор оваа сабота – во која ќе биде првата саботна седница од аргентинската инвазија на Фокландските Острови во 1982 година. ДУП има 10 гласа.

Британскиот Парламент трипати ги порази сличните договори што ги постигна претходникот на Џонсон, Тереза Меј.

„Топката е повторно во дворот на британскиот Парламент… Се надевам дека ќе помине овој пат“, рече финскиот премиер Анти Рине во Брисел. „Се надевам дека сега сме на крајот на овој процес. Но сè уште има многу сомнежи – на пример, во британскиот Парламент“.

Џонсон, кој беше лице на кампањата за напуштање на ЕУ на референдумот во 2016 година, во неколку наврати рече дека нема да побара одложување – иако Парламентот донесе закон кој го обврзува да го стори токму тоа ако не се ратификува договорот до сабота. (Ројтерс)