Уште два лека за Ковид-19 добија зелено светло од ЕМА


Европската агенција за лекови (ЕМА) одобри уште два лека за лекување на Ковид-19.

„Ксевуди (Xevudy) и Кинерет (Kineret) се препорачуваат за употреба“, соопшти ЕМА. Комисијата на ЕУ допрва треба да даде конечно одобрение, но тоа се смета за формалност.

Ова ќе го зголеми бројот на лекови одобрени за употреба во ЕУ за лекување на пациенти со Ковид-19 на пет.

Ксевуди од производителите GlaxoSmithKline и Vir Biotechnology може да спречи влошување на симптомите кај пациенти на возраст од 12 години и постари. Лабораториските студии покажаа дека Ксевуди е ефикасен и против варијантата омикрон. Експертите од ЕМА веќе дадоа позитивно мислење за лекот и тој е веќе пропишан за употреба во некои земји-членки на ЕУ.

Кинерет на шведскиот производител Orphan Biovitrum AB е веќе одобрен во ЕУ како третман за други воспалителни состојби. Според ЕМА, лекот може да го намали воспалението и да спречи сериозно оштетување на дишните патишта кај пациенти со Ковид-19.

Еврокомесарката за здравство, Стела Кирјакидес, ги поздрави препораките на ЕМА.