Уште два дена до смена на Водно. Пендаровски ќе му стане сосед на Заев
Две години откако ја презеде власта, премиерот Зоран Заев ќе добие нов сосед на Водно. Досегашниот претседател Ѓорге Иванов (59), кој пролетта 2009 година се пресели од строгиот центар на Скопје на Водно, в недела ќе го испие последното кафе во претседателската вила која е сместена во близина на вилата во која живее премиерот.
Од Службата за општи и заеднички работи на Владата велат дека испратиле известување до кабинетот на Иванов дека до 12 овој месец треба да замине и од работните простории и од просториите во кои живееше со семејството во последните десет години. Потоа, претседателската вила треба да се пренамени за новиот шеф на државата Стево Пендаровски (56) и за неговото семејство. Според тоа, новиот претседател уште извесно време ќе остане во својот дом во Автокоманда.
Директорот на СОЗР на Владата, Пеце Мирчевски, ни изјави дека по заминувањето на Иванов од претседателската вила, треба да има работен состанок со Пендаровски и семејството. Треба да се види кои се нивните барања и потреби и дали евентуално има потреба од одредени интервенции и реновирања во вилата во која ќе треба да престојуваат во наредните пет години. Што се однесува до работните простории, објаснува, Пендаровски уште истиот ден ќе може да почне да ја извршува функцијата.
За разлика од претходните премиери Никола Груевски, а од почетокот на 2016 до средината на 2017 – Емил Димитриев, кои останаа дома во периодот додека претседателствуваа со владата, Заев се всели во премиерската вила. Таму досега сосед му беше Иванов, со кој беа во кохабитација, а во последниот период имаа и мошне сериозни политички разминувања за клучни прашања, посебно во делот на надворешната политика.
Сега во соседството на премиерот доаѓа Пендаровски, кој победи на шестите претседателски избори како кандидат на владејачката коалиција, кој во кампањата настапуваше со мошне блиски ставови како и СДСМ во однос на најважните теми во делот на безбедноста и меѓународните политики, како области во кои се концентрирани надлежностите на шефот на државата. Според тоа, во претседателската резиденција не само што доаѓа нов станар, туку и се очекува тој да донесе сосема нови политики и нов стил на извршување на формално највисоката функција во земјава.
Пендаровски, најверојатно, ќе биде инаугуриран за претседател в недела, со почеток во 12 часот. Еден до два часа подоцна се планира во претседателската резиденција претседателот во заминување Иванов да му ја предаде должноста на Пендаровски, кој, практично, на полноќ – меѓу 12 и 13 мај ќе почне да ја извршува претседателската функција. Тоа ќе биде прво примопредавање на претседателската функција во резиденцијата на Водно, каде што Иванов беше и прв станар, додека кабинетите на претходните претседатели беа сместени во Собранието.
Претседателот на парламентот Талат Џафери во изјава за „Независен весник“ откри детали од протоколот за смената на претседателската функција во земјава. Тој посочи дека се чека да поминат сите рокови за приговори за изборите во ДИК и евентуално во Управниот суд. Вели дека се надева дека најдоцна до недела утрото Пендаровски ќе го добие решението од ДИК дека е избран за претседател, со оглед на тоа што тоа е последниот ден од вториот мандат на Иванов и нема потреба да се остава вакуум во извршувањето на функцијата. И ако бидат прифатени дел од приговорите што се поднесени досега, според проценките на Џафери, тие не би требало да влијаат на вкупниот резултат од изборите и тоа не би требало да биде причина за Пендаровски да не може навремено да го добие решението дека е избран за шеф на државата.
Преку Министерството за надворешни работи, како што вели Џафери, се испратени покани за учество на инаугурацијата до повеќе странски државници и претставници на меѓународни организации, меѓу кои се и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан…
Претседателот на Собранието објаснува дека во случајов се создаде временски теснец, затоа што има само една недела од вториот изборен круг до истекот на мандатот на досегашниот претседател. Сепак, тој очекува на инаугуративната седница, во најмала рака, да пристигнат државници од дел од земјите во регионот. Вели дека, што се однесува до Собранието, ќе се направи сè за церемонијата за инаугурација на новиот претседател да помине во најдобар ред.
Иванов ги пакува куферите, ама не кажува каде ќе оди
Досегашниот претседател Ѓорге Иванов, веројатно, ги пакува куферите за заминување од претседателската вила, ама не открива дали од почеток ќе го искористи правото на доживотна апанажа како експретседател на државата? Или ќе се врати на Правниот факултет во Скопје додека не ги исполни условите за старосна пензија, кога повторно ќе може да ги користи привилегиите како поранешен шеф на државата, а кои, во таков случај, би му биле во мирување во наредните неколку години.
Во меѓувреме, Иванов го откажа присуството на самитот во рамки на Процесот „Брдо-Бриони“, што годинава се одржува во Тирана. Тој се заблагодари за поканата, известувајќи ги лидерите на овој процес дека поради исклучително краткиот период пред крајот на неговиот претседателски мандат и инаугурацијата на новиот претседател не може да учествувам на овој многу важен собир.
Од кабинетот на Иванов, до затворањето на овој број на весникот, не добивме одговор што ќе прави досегашниот претседател од понеделник.
Тој досега не испратил барање ниту до Владата ниту до Правниот факултет за одобрување апанажа, кабинет и соработници или за враќање на работното место како професор.
Деканот на Правниот факултет Горан Коевски ни изјави вчера дека досега не е доставено барање од Иванов за враќање на Катедрата на студиите по политички науки. Коевски посочува дека според Законот за високо образование, работниот статус на Иванов му бил во мирување во изминатите десет години. Тој, како што вели Деканот, прво треба да се одјави од досегашното работно место, а потоа, согласно со Законот за високо образование, има право во рок од 15 дена да поднесе барање за враќање на факултетот.
Од кабинетот на Иванов пред извесно време се интересирале во Службата за општи и заеднички работи колку изнесува годишниот буџет за поранешен претседател на државата. Но владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека до вчера не се доставени никакви барања од кабинетот на Иванов за неговите потреби по заминување од функцијата.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, на Иванов му следува пензија во ист износ како и претседателската плата. Има право и на канцелариски простор и најмногу тројца соработници, како и на лично обезбедување и користење службено возило и возач. Овие привилегии веќе една деценија ги користи третиот претседател Бранко Црвенковски, кој замина во политичка пензија кога имаше 47 години.
На новиот претседател му останаа во „наследство“ 30 закони без потпис
Инаугуративната седница ќе биде прво заседание на парламентот по завршувањето на изборите. Спикерот Талат Џафери вели дека планира да ја закаже следната редовна седница на 16 мај за да стави на дневен ред уште неколку закони на кои досегашниот претседател Ѓорге Иванов ставил „вето“ во меѓувреме, а кои не беа повторно донесени на седницата што се одржа за време на кампањата пред вториот изборен круг.
Џафери вели дека Иванов не ставил потпис, односно употребил т.н. „џебно вето“ и за законите што парламентот ги изгласа по вторпат со апсолутно мнозинство откако беа вратени кај пратениците. Иако во таков случај, шефот на државата е обврзан да ги потпише законите, Иванов останал на ставот дека нема да потпишува укази на кои стои името Република Северна Македонија.
Џафери вели дека станува збор за повеќе од 30 закони, меѓу кои се и неколку регулативи што се донесени со двотретинско мнозинство и со консензус, а кои шефот на државата е обврзан да ги потпише по сила на Устав. Сите овие закони сега чекаат потпис од новиот шеф на државата.
Стево Пендаровски, во интервју за „Независен весник“, пред вториот изборен круг, посочи дека потпишувањето на законите на кои Иванов стави вето ќе му биде една од првите три обврски откако ќе стане претседател.
– Прво, ќе ги потпишам сите закони што ги кочи Иванов, а се од интерес на граѓаните. Недозволиво е тоа што го прави Иванов и јас итно ќе го сменам – рече Пендаровски.
Потоа, тој најави дека ќе формира стручен тим што ќе му помага, особено во делот на евроинтеграциите и надворешната политика, како и изработка на стратегија за национално обединување околу клучните стратегиските определби.
Александра м. Митевска