Уште денес „Викенд без ДДВ“


Фото: Б. Грданоски

Некаде затворени продавници, но на повеќе места трговците го продолжија работното време и во деновите на празникот приклучувајќи се на акцијата „Викенд без ДДВ“ што завршува денеска.

Граѓаните кои сакаат да го добијат назад целиот уплатен ДДВ за купените домашни производи и услуги и за ИТ опремата имаат можност до крјот на денот да посетат  некоја од продавниците, а потоа да ја скенираат сметката и да очекуваат поврат на целиот ДДВ до крајот на месецот, односно во рок од 15 дена.

Какви ќе бидат ефектите од оваа мерка на Владата ќе биде најверојатно познато уште утре по сумирање на резултатите. Вчера УЈП соопшти дека на првиот ден од „Викенд без ДДВ“ (10 октомври) прометот од македонски производи бил зголемен за трипати.

И додека за домашните производи и услуги немаше дилеми кои од нив се опфатени со мерката, граѓаните ги опсипаа со прашања трговците со ИТ опрема дали повратот на целиот данок се однесува на сите производи што ги нудат, или на дел од нив.

Според објаснувањата што ги даваа на социјалните мрежи, повикувајќи се на упатството што го добиле од УЈП, основен критериум е висината на данокот. Односно, како што велат, поголемиот дел од опремата која е со даночна стапка од 5 отсто спаѓа во ИТ опрема, а доколку е со 18 отсто тогаш не влегува во критериумите за поврат на целиот износ на данокот.

Тоа значи дека лаптопи, деск топ компјутери, монитори, ССД меморија и тн, спаѓаат во оваа категорија, но не и рутери и мрежна опрема, која се оданочува според редовната повисока стапка на ДДВ. Истото се однесува и за компонентите.

„Зависи од компонентата, куќиште на пример е со 5 отсто ДДВ и спаѓа во ИТ опрема, додека напојување е со 18 отсто ДДВ и не спаѓа во ИТ опрема“, се вели во објаснувањето од специјализираните продавници, кои препорачуваат да се склопи цела конфигурација.

Затоа овие трговци навреме ги обележија на нивните интернет страници производите за кои има поврат на целиот данок.

Од УЈП исто така појаснуваа дека услов да се добие поврат на данокот е сметките да се скенираат преку апликацијата на УЈП „Мој ДДВ“.

Доколку се пречекори рокот од три дена или се надмине износот, или пак, доколку на сметките има и производи кои не се означени како домашни, тогаш повратот на данокот ќе се врши според редовната стапка од 20 отсто од уплатениот ДДВ. Односно, за прометот над 30.000 денари ќе важат вообичаените правила за поврат на 20 отсто од платениот ДДВ за домашните производи и услуги и 10 отсто за странските, а повратот ќе се врши по истекот на тримесечјето, појаснија од УЈП.

Највисокиот износ за кој граѓаните имаат право на враќање на целиот износ на данок изнесува 30.000 денари вкупен промет регистриран во сите фискални сметки кои се издадени во овие денови. За прометот над 30.000 денари важат воспоставените правила за поврат на 20 отсто од платениот ДДВ за домашните производи и услуги и 10 отсто за странските, а повратот ќе се врши по истекот на тримесечјето.

Проценките се дека со оваа мерка за три дена ќе се оствари промет од околу 170 милиони евра, а кај граѓаните ќе се слеат 17 милиони евра. Во очи акцијата, од УЈП соопштија дека околу 350.000 граѓани ја имаа симнато апликацијата „Мој ДДВ“ на нивните мобилни телефони, но според очекувањата таа бројка ќе се зголеми на 400.000 граѓани.