Уште 60 нови контејнери за рециклирање стакло ќе се постават низ Скопје


Градот Скопје, ГИЗ и ЈП „Комунална хигиена“ денеска потпишаа договор за нови 60 контејнери за депонирање отпад од стаклено пакување, што Град Скопје ги доби како донација во рамките на регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан”.

Градот Скопје е една од шесте единици на локална самоуправа опфатени со овој проект во нашата држава, покрај Битола, Гевгелија, Илинден, Штип и Тетово и е еден од 14-те градови и општини од трите земји учеснички во овој проект – Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.

– Само од овој проект обезбедени се вкупно 122 контејнери за стакло, имајќи ги предвид и претходните 62 кои веќе се распоредени низ нашиот град неколку месеци. Во таа насока дозволете да изразам благодарност до ГИЗ, ЗЕЛС и „Пакомак“, кои се имплементатори на проектните активности. Овие 60 контејнери, ќе бидат распоредени во општините Гази Баба и Аеродром. Целта е со зајакната отпадна инфраструктура да се дејствува за подигање на свеста на граѓаните за рециклирањето на стаклото како амбалажен материјал. Дополнително, со тоа ќе им се овозможи на ангажираните експерти кои ќе го следат целиот процес, да развијат соодветен модел за рециклажа на стакло, што во иднина ќе биде применлив и во други вакви средини – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната промоција на новите контејнери.

Веќе од утре, новите контејнери ќе се поставуваат на утврдените локации, по што се очекува да се собере најмалку 20 отсто повеќе стакло во однос на претходната година.

– Затоа ги повикувам сите граѓани на нашиот град да се вклучат масовно, да ги собираат шишињата, теглите и другите стаклени пакувања што ги имаат во своите домови и да ги фрлаат исклучиво во овие специјализирани контејнери. Рециклирањето на отпадот е практика што масовно се практикува во земјите на Европската Унија кои ги почитуваат највисоките еколошки стандарди за третман на отпадот. Затоа Градот ќе продолжи да ја надградува ваквата инфраструктура и во иднина, и тоа не само за контејнери за селекција на стакло, туку и за хартија и за пластични шишиња со што во континуитет ќе се подобрува оваа услуга за граѓаните – најави Шилегов.

Тој ги повика граѓаните да се вклучат масовно и да ги собираат шишињата, теглите и другите стаклени пакувања од своите домови со цел да ги фрлат во овие контејнери и посочи дека градот ќе ја продолжи ваквата политика и ќе ја надградува инфраструктурата со контејнери не само за стакло, туку и за пластика и хартија.

Душица Перишиќ од ЗЕЛС, на настанот сподели дека се завршени примопредавањата на контејнерите во сите општини.

– Се надеваме дека во наредните две години, следејќи ги резултатите од она што е собрано, ќе видиме дека сме ја постигнале бараната граница со проектот, дека 20 проценти е зголемен процентот на собирање стаклена амбалажа, а, потоа, ќе одиме и со погорни граници, надевајќи се дека и нашата земја ќе стане земја која рециклира и правилно знае да управува со отпадот, имајќи предвид дека на едно стаклено шише му е потребно 5000 години да се разложи во целост, и знаејќи дека со користење на овој процес на рециклажа, штедиме и енергија и водовод и овозможуваме поздрав живот за сите, кажа Перишиќ.

Проектниот менаџер на ГИЗ, Зорица Билиќ, дополни дека во наредните две години се планира мерење и следење на собирањето на стаклената амбалажа во сите шест пилот општини и соодветно на нивните искуства ќе се создаде водич со исплатливи модели за собирање на стаклена амбалажа кој понатаму ќе можат да го користат сите општини. Во рамките на проектот, како што кажа таа, е предвидена и интензивна маркетинг и ПР кампања со цел да се доближат до граѓаните и да им посочат како да ги променат навиките со цел создавање здрава и чиста околина за живеење.

Од ЈП Комунална хигиена Скопје велат дека во текот на 2020 година, во центрите на претпријатието биле транспортирани над 465 тони стакло и се надеваат дека годинава, овој тренд уште повеќе ќе се подобри.

– Примарната селекција резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот на отпадот, односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депониите. Апелираме до жителите на градот Скопје примарно да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да придонесат за одржувањето на една почиста и поздрава животна околина, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

Тој апелираше до жителите на градот Скопје примарно да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да придонесат за одржувањето на една почиста и поздрава животна околина.