Уште 160 граѓани се вратија од Белгија и Франција


Министерството за надворешни работи информира дека денеска беше организиран лет за репатријација на вкупно 160 македонски граѓани од Брисел и Париз (Бове).

Ова е досега 11-ти специјален лет откако на 22 март откако Министерството за надворешни работи го организираше првиот чартер лет (Валета, Малта) за враќање во земјата на граѓаните затекнати во странство поради пандемијата на COVID-19.

До овој момент, вкупниот број на репатрирани македонски граѓани во организација на МНР, а во тесна соработка со Генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство, изнесува 2.704.

Од нив 1.745 се вратиле со специјалните чартер летови на авиопревозникот Визер, а 214 со хуманитарни конвои, додека пак на 526 граѓани (најчесто затекнати на други континенти), во соработка со министерствата за надворешни работи на повеќе држави и во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва им беше обезбедено непречено  да транзитираат низ неколку држави со цел да дојдат до финалната дестинација, аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана.

Упатуваме благодарност за солидарноста и соработката до сите земји кои им помогнале на нашите граѓани, вклучително и на Владата на Република Бугарија за вечерашниот лет од Абу Даби до Софија, на кој се наоѓаат и 35 македонски граѓани, велат од МНР.

 

Во тој контекст, на летот кон Белгија и Франција, во соработка со амбасадите на овие земји во Северна Македонија, денес помогнавме исто така на 71 странски државјани да се вратат во своите земји.

 

 

МНР продолжува во рамките на своите надлежности со активностите за безбедно враќање дома на затечени македонски граѓани во странство.